„Станува збор за политички маргиналци и дискусијата со нив би им ја оставил на политички маргиналци од нашата држава, а јас претставувам Влада кој комуницира со Владата на Бугарија со која имаме комуникација на многу повисоко ниво од она што беше во минатото“, изјави денеска премиерот Ковачевски прашан за коментар за изјавите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и пратеникот во бугарското Собрание, Костадин Костадинов, на чествувањето за Мара Бунева во саботата во Скопје.
„Иако станува збор за политички маргиналци, нивните изјави предизвикуваат вознемиреност во нашата јавност. Токму тоа им е и единствената цел, да провоцираат и да ги поткопуваат напорите на Северна Македонија и Бугарија да продолжат во духот на соработка и одржување на позитивен дух во билатералните односи“, рече Ковачевски.
Според него, целта на секој политички маргиналец е токму да стане популарен преку вакви активности и затоа тој, вели, „нема намера да им ја исполни желбата да бидат сензација и да станат популарни, кога не се популарни ниту во сопствената држава Бугарија“.
Премиерот додаде дека Министерството за надворешни работи соодветно реагирало на овие изјави со нота до Софија во која ваквите постапки точно ги адресирало како закана по добрососедските односи.
„МНР од официјална Софија веќе побара да се огради од недоличните изјави кои ги повредуваат чувствата на граѓаните на Северна Македонија и сериозно им наштетуваат на напорите за унапредување на добрососедските односи меѓу двете земји“, рече тој.
Извор: МИА