Ковачевски: Од нас зависи колку брзо и на каков начин ќе пристапиме во ЕУ

Позитивниот сигнал од Европската Унија е тука, а од нас зависи колку брзо и на каков начин ќе пристапиме во Унијата. Токму изјавата за различните брзини значи дека некои земји кандидатки ќе пристапат побрзо во Европската Унија, а некои побавно, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

„Ние во моментов имаме отворен скрининг, извештај за првиот кластер, на 15 септември продолжува скринингот во делот за енергетика, а според преговарачката рамка имаме и обврска да спроведеме уставни измени така што од нас зависи колку брзо и на каков начин ќе пристапиме во Европската Унија. Јас ја предводам европската коалиција која вели дека до 2030 година Северна Македонија ќе биде првата земја од Западен Балкан која ќе стане земја-членка на Европската Унија. Од друга страна имаме антиевропска и изолационистичка коалиција која вели дека сака изолација и да чека 10, 20, 30 години, но не нуди никаква друга алтернатива“, рече Ковачевски во одговор на прашање при денешното пуштање во работа на детска градинска во скопски Карпош.

Тој подвлече дека претседателот на Европскиот совет – Шарл Мишел, во Блед првпат после 20 години потврдил дека 2030 година е годината кога треба да се случи проширувањето на Европската Унија и дека ќе се водат два паралелни процеси – реформа на Европската Унија и реформи во земјите кандидати за членство во ЕУ.

Прочитајте и:  Новата еврокомесарка за проширување: Очекуваме С. Македонија да го промени Уставот и потоа навистина да го забрзаме процесот

„Изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон не се разликува од оваа изјава, ниту, пак, од неговата претходна изјава дека во Европската Унија се пристапува според реформите кои се направени. Тоа значи дека оние кои побрзо ќе ги направат своите реформи и ќе ги исполнат критериумите на ЕУ ќе станат членки на Унијата пред оние кои нема тоа да го направат. Ако има пет земји кои претендираат за членство во Европската Унија не значи дека сите пет земји заедно ќе влезат во Унијата, туку дека оние кои се подготвени за влез ќе влезат во 2030 година“, вели Ковачевски.

Во однос на реформите во Европската Унија, премиерот посочува дека не може да е ист начинот на раководење со 27 или со 32 или 33 земји-членки.

„Во структурата на контрибуцијата во буџетот на ЕУ има држави кои се нет-контрибутори и има држави кои се корисници од заедничкиот европски буџет. Со влезот на нови држави дел од оние кои во моментов се корисници ќе станат нет-контрибутори, бидејќи ќе влезат држави со помало ниво на БДП. Тоа се работи за кои ЕУ веќе ќе почне да ги разговара на највисоко ниво“, рече Ковачевски.

Извор: МИА

- Реклама -