Ковачевски: По изборите во 2024-та јас повторно ќе бидам мандатар и претседател на влада што ќе ја внесе државата во ЕУ

„Одговорноста има име и презиме, тоа е ВМРО-ДПМНЕ и нивното раководство кое се противи на продолжување на европскиот пат на државата, истите кои го кочеа зачленувањето во НАТО го кочат европскиот пат на земјата“, изјави во интервју за „Канал 5“ ТВ премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.

„Ние имавме влада на ВМРО-ДПМНЕ 11 години каде немавме ниту еден исчекор, немавме одлука во делот на зачленување во НАТО и во ЕУ. Секогаш одлагаа, секогаш ги одложуваа за да на крај имаме потешки и полоши решенија, тука пред сè мислам на договорот со Грција. И денес е исто. Уставните измени се блокирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Одговорноста има име и презиме, тоа е ВМРО-ДПМНЕ и нивното раководство коешто се противи на продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата. Зошто? Заради едноставно политички причини и играње на емоциите на граѓаните преку воспоставување на реторика која води кон минатото, а не води кон иднината. Ние како коалиција сме решени овој процес да продолжи и сметам дека ќе дојде денот кога сите пратеници ќе сфатат дека нема алтернатива и дека единствен начин за напредок и на државата е зачленување во ЕУ. Како изгледа чекање ние најдобро сме виделе. 17 години Северна Македонија чекаше за да добие преговарачка рамка и да отпочне преговори со ЕУ“, рече Ковачевски.

Прочитајте и:  Николоски: Ако сработиме добро со Франција, дипломатски тешкаш за едно попладне во Софија би го решил проблемот

Тој истакна дека процесот на зачленување во ЕУ значи повисок животен стандард, економски просперитет, подобра социјална правда и врвно владеење на демократија и владеење на правото.

Според него, „процесот е сè уште жив, и ќе остане, бидејќи членството во ЕУ нема алтернатива“.

Во врска со изборите, Ковачевски вели дека СДСМ ќе има коалиција што сигурно ќе победи на изборите.

„А по изборите наредната 2024 година јас повторно ќе бидам мандатар на владата и ќе бидам претседател на проевропска влада. За СДСМ воопшто не е прашање дали изборите ќе бидат во месец мај или во месец јуни. Бидејќи ние секако ќе направиме коалиција која што сигурно ќе победи на изборите. Коалиција која што сигурно ќе ја формира новата влада, и претседателскиот кандидат кој што ќе биде предложен од СДСМ и поддржан од европската коалиција ќе биде победник на претседателските избори кои што ќе се одржат идната година. После изборите јас повторно ќе бидам мандатар на владата и ќе бидам претседател на влада кој што ќе предводи влада која што ќе ја внесе државата во ЕУ“, рече Ковачевски.

- Реклама -