Претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новиот владин кабинет – Димитар Ковачевски, ги повика граѓаните да се вакцинираат бидејќи, како што рече, на тој начин си помагаат на себе, но и на сите други, особено на здравствениот персонал, како и на економијата во целост. Сепак, напомена дека тој не е за решенија со притисок бидејќи смета дека треба и јавното мислење да се почитува.
„Јас би сакал да ги поттикнам граѓаните да се вакцинираат, бидејќи вакцинацијата штити да симптомите од вирусот бидат на пониско ниво. На тој начин тие не си помагаат само на себе, туку помагаат на сите други особено на здравствениот персонал, кој што нема да биде толку оптеретен, меѓутоа и на економијата во целост, бидејќи ако сакаме да ни функционира економијата без рестриктивни мерки, без затворање на производствени капацитети, треба секој до нас да биде свесен дека преку вакцинирање треба тоа со личен пример да го помогне“, рече Ковачевски во гостувањето во „Топ Тема“ на ТВ Телма.
Напомена дека не прифаќа решенија со притисок бидејќи смета дека треба и јавното мислење да се почитува, но како што рече, треба да се има свесност дека преку вакцинирањето имаме поблаги симптоми во однос на делта и омикрон сојот.
Во однос на министерот за здравство Венко Филипче кој си заминува од функцијата, Ковачевски рече дека тој одиграл голема улога во оваа криза, и оти многу трезвено, сконцетрирано и смирено го водел Министерството за здравство.
„Јас морам да оддадам почит на сите вработени во здравствениот систем на државата, за пожртвуваната 24-часовна работа во изминатите две години. Две години системот работи во услови на пандемија, за таа цел и државата извдојуваше средства – како во зголемување на плати, така и во зголемување на капацитетите на здравствениот систем“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека разговарал со Филипче за кого рече дека е целосно на располагање на Министерството за здравство, но и на новиот министер.
„Со Филипче разговаравме, тој е целосно на располагање на Министерството, бидејќи е свесен човек, а исто така ќе биде на располагање и на новиот министер за здравство. Секој совет е добредојден особено од некој кој поминал две години во услови на пандемија. Имам високо мислење и за д-р Беким Салиу како човек кој може да се носи со оваа проблематика, но и како одговорен да прими совет од оние кои го имаат искуството“, додаде Ковачевски.