Ковачевски – Штајнмајер: Германија сака да ја види Северна Македонија во ЕУ во најбрз можен рок

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Владата го пречека претседателот на Сојузна Република Германија – Франк-Валтер Штајнмајер. На средбата, тие изразиле обострано задоволство за одличните билатерални односи помеѓу двете земји, кои следната година одбележуваат јубилејни 30 години, како и од силната поддршка која земјава ја добива од Германија за евроатлантската интеграција, информираа од Владата.

Претседателот Штајнмајер изјави дека Германија сака да ја види Северна Македонија што е можно поскоро во Европската Унија. Детерминираноста за спроведување на реформите е клучна за да се зачува демократијата и европските вредности. На средбата заеднички беше констатирано дека целата поддршка и напори кои ги вложуваат двете земји, вклучително и претстојните уставни измени, се во насока на обезбедување европска иднина на граѓаните, соопштија од „Илинденска“.

Во соопштението се посочува и дека покрај сојузништвото и партнерството во НАТО, ОН и ОБСЕ, Германија оваа година имаше и успешна улога во Берлинскиот процес, кој резултираше со три потпишани договори за меѓусебно признавање на академските квалификации/дипломи, професионалните квалификации и патните исправи.

Прочитајте и:  ЕУ донираше шест еколошки автобуси за ЈСП Скопје, за Арсовска тоа е доказ дека градската администрација е способна кога не е блокирана

„Сојузништвото и сплотеноста се особено видливи во усогласеноста со ЕУ и како НАТО-сојузници во поддршката за Украина“, велат од Владата.

Според нив, денешната посета на Штајнмајер е потврда на пријателството и соработката, а блиските релации на двете земји се потврдуваат и преку економската соработка.

„Германија е прв и најголем економски партнер на Северна Македонија, која околу 45 проценти од целокупниот извоз го извезува во Германија. Околу 200 компании во Северна Македонија се германски компании, меѓу кои и WPD, која вложува околу 500 милиони евра во ветерна електроцентрала со моќност од 415КВ во Куманово – Крива Паланка, и која претставува сериозен чекор во производството на електрична енергија од обновливи извори“, се вели во соопштението.

Во рамки на посетата на претседателот Штајнмајер, во Владата се одржа и билатерална средба на двете делегации. Од страна на владината делегација присуствуваа и првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за економија Крешник Бектеши, информира владината прес-служба.

- Реклама -