Ковачевски со свој заклучок од лидерската: Слушнавме дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставните измени

„Добро е што ставот изутрината искажан од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Тимчо Муцунски, практично е променет и различен од ова што го слушнав на денешната средба, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени во државата. Тоа е заеднички заклучок и клучна порака од оваа средба“, изјави премиерот Димитар Ковачевски по лидерската средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.

Заклучокот на Ковачевски делува сосема спротивен од оној на Мицкоски, кој сосема поинаку го оцени исходот, потенцирајќи дека средбата била неуспешна и опозицијата останува на ставот против уставните измени под бугарски диктат и без гаранција од ЕУ, а единствен следен чекор, како што нагласи, се избори.

И покрај тоа, Ковачевски беше задоволен што имало демократски дијалог и порача дека таков дијалог треба да има на сите нивоа.

Повторувајќи ги неговите многупати чуени ставови (а и  флоскули) за уставните измени и членството во ЕУ, Ковачевски информираше и за она што му го предложил на Мицкоски.

На средбата, како што рече, предложил да го направат следниот чекор заедно и заедно да ги изгласаат уставните измени бидејќи, како што нагласил, тоа е вистинското решение што граѓаните го очекуваат од нив.

„Дадов предлог до Мицкоски доколку се сложат заеднички и консензуално да пристапиме кон остварувањето на оваа стратешка цел и сите заедно да ги гласаме уставните измени, доколку сите заедно ги изгласаме, тогаш предложив дека веднаш после гласањето може да одиме на избори. И тоа е став кој го имам кажано јавно пред неколку месеци. Во текот на изминатиот период сфатив дека за нив е важно да бидат дел од власта и, за да покажеме дека ние како Влада не сме ориентирани кон добивање политички поени само за себе и дека не сме водени од свој партиски интерес и дека не сме фокусирани само на резултатот на следните избори, предложив заеднички да го изгласаме отворањето на Уставот со две третини и веднаш утредента ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата, при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места за претставници на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Ковачевски.

„На тој начин, таа влада во која ќе бидат сите партии кои се за евроинтеграции, ќе го спроведе процесот на уставни измени, ќе го заврши скрининг процесот кој е во тек, ќе го затвори процесот на уставните измени и ќе ги отвори поглавјата како втора фаза од преговарачкиот процес и дури може и да затвори едно или две од поглавјата кои се дел од вториот кластер, и истата таа влада ќе може да ги организира и следните избори. На тоа додадов дополнително дека за да обезбедиме… иако тоа е веќе обезбедено во преговарачката рамка со сигурност, но тоа стои во преговарачката рамка… уставните измени кои ќе се донесат во своите завршни и преодни одредби да имаат одредба со која важат во моментот на одржување на втората меѓувладина конференција која е и закажана без никакво одлагање“, додаде Ковачевски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ќе направиме се струјата да не поскапи, во најлош случај ќе биде за 3 отсто во третиот и четвртиот блок

„Сѐ друго вон тоа е разговор надвор од преговарачката рамка, бидејќи таа е донесена од страна на сите 27 земји членки на ЕУ“, заклучи Ковачевски, што од своја страна го нагласи и Мицкоски, кој информираше дека премиерот истиот тој став го имал и за неговиот предлог ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи уставните измени но под услов да почнат да важат на денот кога земјите членки на ЕУ ќе започнат со ратификација на членството на Македонија во унијата.

Ковачевски, сепак, истакна дека Владата е подготвена да се изнајде решение кое што ќе донесе обединување и, како што рече, „победа за македонските граѓани и македонската држава“.

„Јас кажав и пак ќе кажам, за мене ова не е борба за власт. За мене ова е борба за иднината на државата. Од тоа нема да отстапам и повторувам уште еднаш: ме радува фактот што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претставник на ВМРО-ДПМНЕ практично денес кажа дека за ВМРО-ДПМНЕ не е проблем правењето на уставните измени и вметнувањето на други делови од народи во рамки на нашиот Устав. Бидејќи ние не смееме да ја блокираме нашата иднина и иднината на следните генерации, нашите млади, нашите деца… повторувам уште еднаш, заслужуваме и заслужуваат да живат во земја членка на ЕУ, тука дома во Северна Македонија, а не во туѓина“, рече Ковачевски.

Извор: МИА

- Реклама -