Ковачевски телефонски разговорал со Макрон: Франција е посветена на европската перспектива на Северна Македонија

Премиерот Димитар Ковачевски денеска имал телефонски разговор со претседателот на Франција – Емануел Макрон, со кого се согласиле дека нема време за губење и потенцирале дека натамошното одложување на почетокот на преговорите за членство на земјава во ЕУ може да има сериозни регионални последици и широко ја отвора вратата за зголемено влијание на трети страни во регионот.

Оттаму, прашањето за проширување на ЕУ со Западен Балкан е всушност сериозно безбедносно прашање, се согласиле соговорниците, соопшти владината прес-служба.

Во разговорот, Ковачевски го нагласил интензивниот политички дијалог во последните неколку години и ангажманот на претседателот Макрон и Република Франција во однос на процесот на проширување на ЕУ и интеграцијата на земјава.

Прочитајте и:  „Политико“: Марин Ле Пен може да предизвика огромна финансиска криза во Европа

Се разговарало и за билатералните односи, при што било оценето дека тадиционалното пријателство меѓу двете земји се збогатува со интензивирање на економската соработка која во изминатата година, како што оцениле, добила ново поглавје со влегувањето на Француската агенција за развој во државава.

Ковачевски, воедно, му ја честитал победата на Макрон на претседателските избори и му посакал успешен втор мандат како шеф на државата. Тој изразил честитки и за изборот на премиерката на Француската Република – Елизабет Борн, и истакнал дека од воспоставувањето на дипломатските односи пред 29 години, двете земји негуваат силни билатерални односи.

Извор: МИА

- Реклама -