„Сите капацитети на Владата се ставени во функција и се надеваме на успешно справување со најтешката зима. Се прават аранжмани за да се обезбедат потребните количини на мазут за домашните енергетски капацитети, а веќе се преземени мерки и во однос на топлинската енергија“, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски од собраниската говорница.
Антикризните мерки, за кои во релабансот на Буџетот се обезбедени околу 76 милиони евра, како што рече Ковачевски, ќе бидат разгледани со коморите и сите засегнати страни по што ќе бидат операционализирани.
„Во мај кажав дека пред нас е најтешката зима и тогаш бев обвинуван за тоа што го говорам. Оваа најтешка зима е резултат на војната во Украина и сите проблеми што се случија на светскиот пазар со зголемувањето на цените на нафтените деривати и на електричната енергија за која пости опасност дека ќе ја нема во доволни количини на европскиот континент. Ова не е заклучок само на нашите експерти, туку на експерти од светско реноме. Затоа при конципирањето на ребалансот ги имавме овие факти предвид и обезбедивме 76 милиони евра за нови антикризни мерки, кои се во фаза на подготовка, и кои ќе бидат консултирани со коморите и потоа опреационализирани“, рече Ковачевски, во одговор на пратеничко прашање.
Во однос на зголемувањето на цените на храната, Ковачевски посочи дека се обезбедени 32 милиони евра за зголемување на домашното производство на храна, а поради инфлацијата која е на ниво меѓу 9 и 10 проценти на годишно ниво, предвидено е зголемување на пензиите и на платите и исплата на сите субвенции за земјоделците.
Одговорот на премиерот не го следеа пратениците од опозицијата. Пратеничката Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ во процедурална забелешка рече дека нејзините колеги не се присутни затоа што премиерот ги навредувал и одговарал на договорени прашања.
„Ние не сме присутни тука бидејќи на вака договорени прашања нема потреба да сме прусутни. Сите одговори што ги поставивме, несоодветно ни беа одговорени. Премиерот чита од она што му напишале службите“, рече Панова.
На ова реагираше координаторот на СДСМ Јован Митревски, кој посочи дека процедуралната забелешка на пратеничката Панова е злоупотреба.
„Ова е чиста злоупотреба на процедуралната забелешка. Ако има прашање, ќе одговори на прашање. Дајте да продолжиме со работа. Најголемиот ваш проблем е што немате став за ниту едно прашање“, рече Митрески.
МИА