Ковачевски и владин тим во официјална посета на Софија, утре заедничка седница на двете влади

Владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски денеска заминува во официјална посета на Софија каде што утре ќе се одржи заедничка седница на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, премиерот Ковачевски и владината делегација ќе бидат официјално пречекани од бугарскиот премиер Кирил Петков попладне во 16 часот на плоштадот „Св. Александар Невски“. Двајцата премиери ќе положат венци пред Споменикот на непознатиот војник.

Заедничката седница состанок на владите на Бугарија и Северна Македонија ќе се одржи утре во резиденцијата „Бојана“ со воведно обраќање на премиерите Петков и Ковачевски.

Предвидено е да бидат потпишани неколку билатерални документи, по што двајцата премиери ќе одржат прес-конференција.

Заедничката седница следува по минатонеделната официјална посета на бугарскиот премиер Петков на Скопје кога беше договорено формирање на работни групи од двете страни кои интензивно треба да работат за надминување на недоразбирањата и интензивирање на соработката меѓу двете земји.

Северна Македонија и Бугарија во периодот што претстои, а во рамки на новата динамика на соработка која ја најавија двајцата премиери Димитар Ковачевски и Кирил Петков, треба преку состаноците на работните групи да ги приближат позициите во повеќе сфери, да се фокусираат на она што е практично остварливо во моментот, а со тоа да се отвори пат и за пронаоѓање решенија за потешките прашања и конечно надминување на спорот и одблокирање на почетокот на првата меѓувладина конференција со Европската Унија.

Двете влади формираа четири работни групи. Владата на Северна Македонија ги формира групите за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование, додека во соопштението на бугарската Влада е наведено дека се формирани групи за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европската соработка – зелена транзиција и дигитална трансформација и владеење на правото и за културата, науката и образованието и младите.

Копретседавачи на првата група од македонска страна се вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските политики и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими и министерот за економија, Крешник Бектеши. Од бугарска страна со оваа група ќе копретседаваат заменик-премиерот за економија и индустрија и министер за економија, Корнелија Нинова, вицепремиерот за еврофондовите и министер за финансии, Асен Василев и министерот за иновации и раст, Даниел Лорер.

Со втората група од македонска страна ќе копретседаваат министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски и министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, додека од бугарска вицепремиерот за регионален развој и јавни работи и министер за регионален развој и јавни работи Гроздан Караџов, министерот за транспорт и врски Николај Сабев и министерот за енергетика Александар Николов.

Копретседавачи на третата работна група од македонска страна се вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини. Од бугарска страна со оваа група ќе копретседаваат вицепремиерот за климатски политики и министер за животна средина и води Борислав Сандов, вицепремиерката за ефикасно владеење Калина Константинова и министерката за правда Надежда Јорданова.

Со четвртата работна група од македонска страна ќе копретседаваат првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, додека од бугарска министерот за образование и наука Николај Денков, министерот за култура Атанас Атанасов, министерот за туризам Христо Проданов и министерот за млади и спорт Радостин Василев.

Во работните групи ќе членуваат и претставници од ресорните министерства и институции, а копретседавачите ќе ротираат согласно тематиката, која ќе биде ставена на дневен ред на состаноците.

Премиерите најавуваа пет работни групи, петтата е историската, но двете влади не формираа засебна работна група, а според она што го кажаа Ковачевски и Петков на прес-конференцијата во Скопје, оваа област ја покрива Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, но не прецизираа дали ќе остане да работи во сегашниот формат.

На заедничката прес-конференција во Скопје за време на посетата на Петков, Ковачевски нагласи дека историската Комисија веќе има свој план за работа и врз основа на тоа што го имаат сработено и историчарите кои се членови на таа комисија ќе треба да информираат за тоа што го договориле.

Според она што го најавија двајцата премиери во претстојниот период и преку состаноците на овие работни групи, историјата ќе биде ставена во втор план а фокусот ќе биде на градење на добрите односи меѓу граѓаните на двете земји, зајакнување на соработката во повеќе сектори, како и на добрососедство мерливо според постигнати цели и резултати. Најавена е динамична работа на работните групи, секоја недела една од групите да има состанок. Приближувањето ќе се спроведува прагматично, најпрво онаму каде што нема препреки, а веќе како прв проект е најавено воведувањето на директната авиолинија Скопје-Софија, што како што рече Петков во Скопје би се реализирал за два месеца.

МИА

- Реклама -