Ковачевски за „ФАЦ“: Сакаме да живееме во земја на ЕУ, гласањето за уставните измени е глас за европската иднина на граѓаните

Стратешка цел на државата е полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ).

„Процесот на евроинтеграција на земјата гарантира безбедност и стабилност на регионот, но и подобра економска соработка заеднички пазар од речиси половина милијарда луѓе“, изјави Ковачевски.

Како што информира владината прес-служба, Ковачевски во интервјуто говори за претстојните политички одлуки кои треба да се донесат во државата и од кои зависи европската иднина на граѓаните.

„Гласањето не е само за нашиот устав, туку за европската иднина на нашата земја. Оваа одлука што сега треба да ја донесеме е за да не го одложиме понатамошниот процес. Вето за нашето членство отсекогаш доаѓало однадвор, сега се заканува да дојде од внатре првпат“, вели Ковачевски.

„Кога ја добивме нашата независност по крајот на Југославија, нашата економија беше многу посилна од онаа на Бугарија, Чешка, Словачка или Полска. Во тоа време беше незамисливо луѓето од Македонија да одат во некоја од овие земји да работат таму. Денес токму тоа се случува. Економиите на овие земји не само што зајакнаа поради нивните перформанси. Напротив, тоа се случи затоа што овие земји станаа членки на Европската Унија, со заеднички пазар од речиси половина милијарда луѓе. Затоа членството е стратешка цел за Северна Македонија. Сакаме да живееме во земја на ЕУ“, вели премиерот за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Прочитајте и:  Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија - во неа нема место за билатерални уцени

Тој потенцира дека Германија е голем поддржувач на земјава во процесот на пристапување кон ЕУ, како и најголем економски партнер.

„Многу сум благодарен на Германија и на канцеларот Шолц за неговата поддршка на нашиот пат кон ЕУ. Германија е најголемиот економски партнер на Северна Македонија. Кај нас активни се 200 германски компании. Половина од надворешната трговија ја вршиме со Германија. Во Германија живеат околу 20.000 до 30.000 мои сонародници“, истакна  Ковачевски.

Во интервјуто тој подвлече дека пристапните преговори на земјата се од суштинско значење во актуелните геополитички и безбедносни околности и во справувањето со влијанијата на земји кои, како што вели, немаат интерес за стабилен и интегриран Западен Балкан во ЕУ.

 

- Реклама -