„Со новата методологија и трите усогласувања во 2002 и 2023 година пензиите за 333.000 пензионери вкупно ги покачивме за 24 проценти, за една и пол година досега вакво покачување немало“, рекол денеска претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, на средба со пензионери од општина Карпош, соопштуваат од партијата.
„Социјалдемократските политики за постојано и континуирано зголемување на пензиите се влог во тоа да пензиите растат и да продолжат да растат и во иднина. Од септември 2022 година со новата методологија и трите усогласувања СДСМ ги зголемени пензиите за 24 отсто. За една и пол година досега вакво покачување немало. И бројките тоа го потврдуваат“, рекол Ковачевски, правејќи споредба со, како што нагласуваат од СДСМ, „драстично помалите висини на просечната и минималната пензија во времето на ДПМНЕ“.
„Во време на ДПМНЕ, во 2016 година, просечната пензија изнесувала 13.754 денари. Сега, во време на СДСМ, односно во март 2023 година просечната пензија изнесува околу 20.000 денари. Тоа е покачување од 40 отсто во време на мандатот на владите предводени од СДСМ. Во времето на ДПМНЕ пак минималната пензија беше 9.000 денари, денес е 13.200 денари. Тоа се 4.000 денари повеќе на ниво на минимална пензија месечно. Јас не мислам дека е тоа доволно. Секако. И работам да допринесеме уште повеќе. Особено во времето во кое сите живееме, на глобална економска и енергетска криза, наша должност е да им обезбедиме пристојна старост на пензионерите и ние како Влада и како партија сме на тоа посветени. Но, со системски решенија, СДСМ обезбедува постојан, континуиран раст на пензиите и пензиите само со СДСМ можат да продолжат да растат, реално, издржано и значително“, посочил Ковачевски.
Тој додал дека владата предводена од СДСМ обезбедила стабилност на пензискиот систем и редовна исплата на пензиите за сегашните и за идните пензионери и дека го штити и достоинството, а не само стандардот на пензионерите.
„Ние и достоинството на пензионерите го штитиме. Никогаш повеќе зголемувањето на пензиите нема да зависи од нечија политичка волја, туку тоа ќе се одвива на секој шест месеци како збир од проценти од официјални статистички податоци“, рекол Ковачевски.