Скопје, 9 јануари 2022 (МИА) – Мандатарот за состав на нова влада, Димитар Ковачевски во интервју за МИА изрази очекување дека со новиот премиер на Бугарија, Кирил Петков, кој на 18 јануари најави посета на земјава, ќе изгради конкретен и пријателски однос, со реторика меѓу двете држави која ќе биде на високо ниво.
При првата посета на Петков на Скопје, Ковачевски очекува да ги утврдат основите за натамошните разговори и формите на соработка и напредок, но и ширина на дејствување надвор од строго историски рамки и термини.
-Тоа е предуслов да напредуваме. Зближувањето и соработката меѓу двете земји во сите области од животот е важен предуслов за отстранување на сомневањата и погрешните перцепции. Јас сум подготвен да отвориме нова страница во односите со Бугарија и да изградиме искрено пријателство и подобра иднина за двете земји. Треба да се стиши гласот на омразата. Имаме реално повеќе сличности од разлики како држави и мора да се концентрираме на заедничкиот интерес. Само со ваков пристап ќе бидиме запаметени како лидери кои балканските конфликти ги надминале со европски пристап. Преку политика на взаемно почитување, градење иднина, соработка и компромиси, истакна Ковачевски во интервјуто за МИА.
Тој нагласи дека двете земји имаат огромен потенцијал за развивање на конкретна соработка во повеќе области: економија, инфраструктура, туризам, образование и култура, помош во европските интеграции и зближување на нашите народи и граѓани.
Ковачевски вели дека во целиот тој процес не би отстапил од правото на самоопределување и посебниот идентитет и јазик, што е неотуѓиво право на секој народ.
-Затоа во преговорите не можеме да правиме отстапки околу тоа дека сме Македонци од Република Северна Македонија кои зборуваат македонски јазик и имаат посебен идентитет. Тоа е отсликано и во Декларацијата, која ја усвои нашето Собрание со поддршка од сите партии, вели Ковачевски.
На самиот крај е составувањето на новата влада, која ќе ја предводи тој, вели во интервјуто за МИА и без да каже конкретни имиња за првите луѓе во министерствата, Ковачевски напомена дека секој е заменлив, особено доколку во одреден момент повеќе не е на висина на задачата.
-Тоа е основен принцип на ефикасно управување и новата влада ќе се води по него. Што се однесува до новиот владин состав и ресорите со кои ќе раководи СДСМ, станува збор за тим од нови луѓе, но и докажани кадри од претходната влада кои имале добра реализација и резултати во своите ресори. Од сите нив очекувам максимално посветена работа, остварување на ветеното и фокус на приоритетите од програмата, истакна Ковачевски.
Примарен фокус на неговата влада во следните три месеци, како што посочи ќе биде ставен на нашиот одговор на енергетската криза, а веќе е подготвен и план. Тој лично во кризата гледа шанса конечно како држава да направиме енергетска транзиција и да фатиме нов правец за енергетска самостојност и самоодржливост.
Ковачевски најави и подготовка на сетови на антикризни мерки кои ќе дадат силен стимул за компаниите и ќе бидат поткрепа за семејниот буџет на граѓаните. Тој додава дека во буџетот веќе има слободни 130 милиони евра и во наредниот период следуваат антикризни мерки за помош и на граѓаните и на стопанството.
Во интервјуто за МИА истакнува дека очекува континуиран раст на вкупната економија со стапки од најмалку 4,6 отсто до 5,9 отсто годишно.
Во продолжение следува целото интервју со Ковачевски:
Новиот владин состав сигурно веќе е во завршна фаза, за каков профил на луѓе имаше место во владата на Димитар Ковачевски?
Да, новата Влада интензивно ја подготвувавме изминатите недели и веќе сме на самиот крај. Ги реализиравме сите средби со коалициските партнери за усогласување на програмите и кадровските решенија и задоволен сум како течеше целиот процес. Нашата цел да составиме стабилна Влада со јасни принципи на делување е исполнета. Ваквата Влада ќе значи ефикасност во работењето и стабилност во решавањето на сериозните предизвици кои ни претстојат. Во однос на кадровските решенија, би рекол дека тоа се луѓе кои ги отсликува ефикасноста во работењето, имаат сериозен професионален капацитет, чесност и желба да работат за граѓаните и општеството. Социјалдемократските вредности и пристап во политиката се исто така одлика на новиот тим. Тоа се луѓе кои веруваат во еднаквоста и солидарноста, кои се борат за правата на ранливите, а правичноста е нивна карактерна особина.
Кои од министрите се незаменливи и ќе останат во првиот ешалон и во вашата влада?
Секој е заменлив, особено доколку во одреден момент повеќе не е на висина на задачата. Тоа е основен принцип на ефикасно управување и новата влада ќе се води по него. Што се однесува до новиот владин состав и ресорите со кои ќе раководи СДСМ, станува збор за тим од нови луѓе, но и докажани кадри од претходната влада кои имале добра реализација и резултати во своите ресори. Од сите нив очекувам максимално посветена работа, остварување на ветеното и фокус на приоритетите од програмата. Новата влада ќе биде високо продуктивна во работењето, посветена на економските предизивици, како и на зајакнување на животниот стандард на граѓаните. За ова да го постигнеме секој член, секој дел од овој мотор мора да функционира беспрекорно.
Седнувате на чело на влада во време на сериозни предизвици со здравствената и енергетската криза, но и сериозни ценовни покачувања од 1 јануари. Има ли владата јасна стратегија како ќе го заштити стандардот на граѓаните?
Примарен фокус во следните три месеци ќе биде ставен на нашиот одговор на енергетската криза која е резултат на глобалните движења. За тоа веќе имаме подготвен план. Јас во кризата гледам шанса, да конечно како држава направиме енергетска транзиција и да фатиме нов правец за енергетска самостојност и самоодржливост. Ваквата транзиција ќе биде базирана на обновливи извори на енергија и темелот на идниот развој. Ова ќе биде една од главните преокупации на владата а првите одлуки ќе се донесат веднаш по нејзиниот избор.
Што се однесува до директната поддршка за граѓаните и стопанството, подготвуваме сетови на антикризни мерки кои ќе дадат силен стимул за компаниите и ќе бидат поткрепа за семејниот буџет на граѓаните. Свесен сум колку се сите економски исцрпени од кризата предизвикана од Ковид пандемијата која сега се надоградува и со енергетската криза. Но, за тоа како Влада имаме одговор. Ние веќе имаме искуство со слични мерки во пандемијата кои според ММФ беа одлично димензионирани и со кои заштитивме повеќе од 60.000 работни места. Како тогаш така и сега, веќе работиме на тоа да дефинираме мерки преку кои најефикасно ќе се алоцираат средствата за санација и поддршка онаму каде е најпотребно. Во буџетот веќе има слободни 130 милиони евра и во наредниот период следуваат антикризни мерки за помош и на граѓаните и на стопанството.
Ве сметаат за технократ, а самите веќе во неколку наврати зборувате дека оваа влада ќе биде фокусирана на економијата. Може ли поконретно да ни кажете што тоа значи? Што може да очекуваат граѓаните како бенефит од новата влада во делот економскиот стандард?
Ова Влада има можност во следните 2,5 години континуирано и без изборни циклуси, да се посвети целосно на економијата и квалитетот на живот на нашите граѓани. Во фокус ќе биде спроведувањето на успешни економски политики и поставување на ефикасен економски модел за новото време. Владата веќе има поставено одлични економски политики, но за кои е потребен многу подобар систем на имплементација од сегашниот. За таа цел, ќе се фокусираме на систем на работа и исполнување на обврски и превземање на одговорности. Нам ни треба ефикасност, ефективност, позитивни исходи и видливи резултати.
Со ваква работа очекувам континуиран раст на вкупната економија со стапки од најмалку 4,6 отсто до 5,9 отсто годишно. Најавувам драстично зголемување на домашните приватни и корпоративни инвестиции и влез на странски директни инвестиции, но многу повеќе нивно поврзување со домашните компании.
Ставаме фокус и на намалување на невработеноста која веруваме дека до крајот на мандатот конечно за првпат во историјата да биде едноцифрена. Така ќе ја зголемиле значајно и личната потрошувачка.
Новата влада и понатаму останува посветена на зголемување на платите и пензиите. Ги правиме последните анализи за времето и висината на зголемувањето на минималната плата, а најавувам и дека наскоро просечната плата ќе ја надмине висината од 500 евра месечно и ќе продолжи да расте.
Што се однесува до даночната политика, таа ќе остане иста со задржување на сегашните стапки на даночни стапки и социјални придонеси. И граѓаните и бизнисот мора да имаат транспарентен, предвидлив и ефикасен даночен систем. Но, ќе има и промени преку кои мора конечно да се зголемат приходите преку директно намалување на сивата економија и евазијата. Сите мора да плаќаат даноци и не смее да има исклучоци.
Кончено, најавувам градежна експанзија во делот на значајната инфраструктура. Во овие 2,5 години мора да се финишираат најкрупните делници на Коридорот 8 и Коридорот 10, но и продолжување на реконструкција на магистралните и регионалните патишта. За 2,5 години очекувам и целосно завршување на примарната и секундарна гасоводна мрежа во целата држава и поставување на условите за почетокот на користење за домаќинствата.
За крај, да постигнеме економска ефикасност, како влада започнуваме бескромпромисна војна против криминалот и корпуцијата. Важно е функционерите да бидат пред се способни и одговорни во извршувањето на нивната функција. Но, реално секој од нив во политиката е подложен на искушенија и под притисок да направави нешто недозволено и незаконски.
Оттука, многу поважно од изборот на способни и чесни кадри е постоење на систем за контрола врз нивната работа. Мора да спречиме да има недопирливи за законот и секој кој се огрешил да одговара. Само вака ќе ја вратиме довербата кај граѓаните во државата и институциите. Си поставивме навистина високи цели, но сигурен сум дека со многу работа и труд можеме да ги реализираме.
Започнува нов бран со Ковид 19, бројките последните денови растат, дали се на повидок нови рестрикции како земјите од регионот и Европа? Кога ќе го свикате ГККШ за да чуете кои се предлозите на Комисијата за заразни болести?
Внимателно ја следам состојбата, координација со Комисијата за заразни болести и Кризниот штаб ќе биде меѓу првите активности на новата влада. Сметам дека имаме стручни и компетентни здравствени работници кои ќе ме информираат за секој аспект на кризата и заеднички ќе ги утврдиме чекорите и евентуалните дополнителни мерки. Вакцинацијата и натаму останува приоритет и истата треба дополнително да ја интензивираме. Спроведувањето на посточеките мерки исто така ќе се зајакне и битката против оние кои се обидуваат да го изиграат законот и здравствените препораки. Меѓу првите работи кои мора да ги добиеме се анализите како новата варијанта Омикрон влијае кај пациентите, што значи истата во делот на хоспитализацијата, смртноста и сите останати индикатори. Пандемијата засега се покажа како многу непредвидлива, но сите овие индикатори ни се потребни да донесеме што поинформирани одлуки со цел заштита на здравјето на граѓаните, но и одржување на нормалните работни и животни процеси.
Бугарскиот премиер Кирил Петков се најави дека ќе ви дојде на гости на 18 јануари, подготвени ли сте како што вели Петков двајцата да создадете – нова рамка на преговорите?
Формирањето на нови влади и кај нас и во Бугарија дава нова шанса и надеж во разговорите што ги водиме со нашиот сосед. Веќе имаме поставени основи за разговорите кои ни даваат слика каде се застанати преговорите и како треба да продолжиме. Верувам дека имаме научени лекции од досегашните разговори, а минатото искуство ќе ни помогне да бидеме поподготвени и подобри во преговорите. Со новиот премиер Петков очекувам дека ќе изградиме коректен и пријателски однос, а реториката меѓу двете држави ќе биде на високо ниво. Тоа е предуслов да напредуваме. Зближувањето и соработката меѓу двете земји во сите области од животот е важен предуслов за отстранување на сомневањата и погрешните перцепции. Јас сум подготвен да отвориме нова страница во односите со Бугарија и да изградиме искрено пријателство и подобра иднина за двете земји. Треба да се стиши гласот на омразата. Имаме реално повеќе сличности од разлики како држави и мора да се концентрираме на заедничкиот интерес. Само со ваков пристап ќе бидиме запаметени како лидери кои балканските конфликти ги надминале со европски пристап. Преку политика на взаемно почитување, градење иднина, соработка и компромиси.
При првата посета на премиерот Петков на Скопје очекувам да ги утврдиме основите за натамошните разговори и формите на соработка и напредок, но и ширина на делување надвор од строго историски рамки и термини. Ние живееме во 21 век во Европа и тоа не обврзува како соседни држави на меѓусебно почитување, партнерски однос и градење пријателство. Имаме огромен потенцијал за развивање на конкретна соработка во повеќе области: економија, инфраструктура, туризам, образование и култура, помош во европските интеграции и зближување на нашите народи и граѓани. Овој потенцијал треба да го пресликаме во работни задачи и предизвици за двете влади, компаниите од двете држави, двете општества и сите битни чинители во нив. Имаме намера суштински да навлеземе во овој процес за да има резултат и доведе до логично приближување на позициите па дури и да дојдеме во точка во која Бугарија ќе биде најголем поддржувач на нашата европска интеграција. Тоа го успеавме со Грција, и сигурен сум дека со добра волја и многу работа ќе го успееме и со Бугарија.
Од што нема да остапите во преговорите со Бугарија?
Бугарија е држава членка на ЕУ, а ние сме држава кандидатка за членство во ЕУ. Тоа не обврзува да преговараме врз база на европските вредности и принципи според кои секоја држава пристапила кон ЕУ откако постојат критериумите за членство во ЕУ.
Правото на самоопределување и посебен идентитет и јазик е неотуѓиво право на секој народ. Затоа во преговорите не можеме да правиме отстапки околу тоа дека сме Македонци од Република Северна Македонија кои зборуваат македонски јазик и имаат посебен идентитет. Тоа е отсликано и во Декларацијата, која ја усвои нашето Собрание со поддршка од сите партии.
ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Мицкоски ве обвинуваат дека вие немате легитимитет како за преговорите со Бугарија така и за водење на владата, бидејќи не сте го победиле на избори. Како ги коментирате овие обивнувања? Исто, дали конечно ќе видиме соработка меѓу власта и опозицијата на клучните стратешки прашања во интерес на граѓаните?
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски очигледно не се добро запознаени со Уставот и законите во земјата. Новата влада не само што има легитимитет, туку има проширено и стабилно мнозинство во Собранието. Оттаму, Владата има полн легитимитет да ги носи сите одлуки и ја спроведува владината програма. Ваквите обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ се само недостиг на други аргументи против мене, исто како и сите пропратни невистини во нивните секојдневни соопштенија. Мене тоа воопшто не ме загрижува, сега сум целосно фокусиран да прикажеме резултат, а уште повеќе добро да ги изменаџираме сите кризи кои ни претстојат со цел економска стабилизација и развој. Тоа е одговорно владеење и однос кон граѓаните. Она што го прави ВМРО-ДПМНЕ е бескрајна злоупотреба на медиумскиот простор за сеење лаги, дестабилизација и влевање несигурност кај граѓаните.
Во однос на соработката јас секогаш имам подадена рака, иако сме политички опоненти не смее и не треба да бидеме непријатели. На крајот на денот, имаме иста и заедничка одговорност како политички чинители пред граѓаните. Но, според досегашните потези на ВМРО-ДПМНЕ, не гледам промена кај нив по однос на ова прашање и воопшто во однос на политиките. Да не заборавиме, ВМРО-ДПМНЕ веќе не е опозиција како што беше пред локалните избори. Тие моментално управуваат со половина од општините во државата. Одминуваат 100 дена од нивното владеење и може лесно да се види дека се што ветија во кампањата, излажаа. Ветија дека нема да има одмазда, а почнаа со отпуштања и деградирања уште од првиот ден. Се спроведува масовна партизација на секое ниво како единствен проект на сите градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. Ветуваа низа проекти уште во првите денови а од тоа нема буквално ништо. Градот Скопје е разочарување какво што не се памети во политичката историја на земјата. Блокирано и стопирано е се што е во интерес на граѓаните и започнато од претходната власт. Очигледно е дека кај ВМРО-ДПМНЕ не само што нема никакви промени, туку би рекол дека има сериозно назадувања по одредени прашања и политики. СДСМ ја следи нивната работа, реагираме и во јавноста и преку нашите советници за да се корегираат овие штетни одлуки, ќе направиме сe во интерес на граѓаните и општините.