Ковачевски за самитот ЕУ-Западен Балкан: Решивме уште еднаш да ги повториме нашите заложби за европскиот пат

„Северна Македонија има докажани пријатели во земјите членки на ЕУ. Тие се оние земји кои гледаат кон иднината, наспроти минатото и од кои ние, Албанија, но и регионот имаме целосна поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во ЕУ“, напиша премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук, откако неговиот албански колега Еди Рама објави дека тројцата лидери (заедно со Александар Вучиќ), решиле сепак да присуствуваат на самитот ЕУ-Западен Балкан, иако, како што процени Рама, веројатно ќе се вратат со уште едно „Не, извинете“.

Како што вели Ковачевски, тројцата донеле одлука „уште еднаш да ја потврдат позицијата дека Северна Македонија, Албанија и Србија имаат европска иднина“.

„Решивме дека треба, пред земјите пријатели, кои се посветени на напредокот на регионот на економски и политички план и кои се залагаат за брзи и одлучни евроинтеграциски процеси, да ги повториме нашите заложби за европскиот пат на целиот Западен Балкан“, пишува Ковачевски.

Сепак, тој предупреди дека „доколку не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции, тоа ќе е сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот“.

„Нашите ставови на оваа тема ќе ги пренесеме заеднички, на самитот на ЕУ за Западен Балкан, во широк форум, во центарот на европската дипломатија“, напиша Ковачевски, за разлика од Еди Рама, кој најави и силни критики за Бугарија.

- Реклама -