Ковид-пациент побегнал од „8 Септември“ па се возел со градски автобуси, седел во ГТЦ…

Заболен со коронавирус вчера побегнал од ковид-центарот во Градската општа болница „8 Септември“ и слободно шетал низ главниот град сѐ до ноќта, кога бил приведен од полицијата и вратен во болницата.

Информацијата беше објавена од Твитер корисник, адресирана до министерот за здравство Венко Филипче, но подоцна потврдена и од МВР.

„Заболени од ковид-19 бегаат од ковид-центарот при ‘8 Септември’. Ќе сноси некој од тамошните вработени одговорност? Зборувам конкретно за случајот со Борче Ивановски, кој ноќеска беше приведен и транспортиран на Инфективната клиника. Избегал од болница и се движел насекаде низ Скопје. Се возел со градски автобуси, седел во ГТЦ итн. Ставете по еден полицаец на сите влезови на клиниките каде што има заболени од ковид-19, да не бегаат од болница идиотите и да заразуваат сѐ наоколу“, вели Твитер корисникот.

„На 06.10.2020 во 21.30 часот од ГОБ ‘8 Септември’ било пријавено дека од Ковид центарот избегал пациент Б.И. од Куманово. По преземени мерки и активности од страна на полициските службеници лицето било пронајдено околу 02.00 часот и вратено во болницата“, потврдиле од МВР за порталот „Плусинфо“.

- Реклама -