Ете и тоа си доживеавте, да можете да ја претворите својата кожа во вистински LED дисплеј.
СОздадени од научниците од Токио, овие супер-флексибилни електронски дисплеи кои можат да се носат на рака се најтенките досега направени – „дебели“ само 3 микрометри. Посликовито, тоа се 0.003 милиметри т.е. 13 пати потенки од влакно на човек.
Не само што имаат минијатурни LED светла што се залепуваат за кожата, туку имаат и други предности пред конкурентските обиди кожата да се претвори во екран.
Прво, овие дисплеи продуцираат многу помалку топлина од претходните слични обиди, што е особено важно кога се директно нанесени на гола кожа, а користат и помалку енергија, што значи дека можат да бидат користени подолго време.
Оваа конкретна „електронска кожа“ е исто така далеку поиздржлива од останатите верзии од еден многу важен аспект. Како што напиша Ади Робертсон за The Verge: „Проблемот со овие типови на светлосни филмови во минатото беше… фактот што траеја само неколку часа кога беа изложени на нормален воздух“.
Наместо тоа, јапонските научници се сетија дека можат да инсертираат специјален заштитен слој во филмот на дисплејот, наречен „пасивационен слој“, што не само што го штити од основните елементи како воздухот, туку и ги држи сите компоненти заедно и не дозволува преголемо истегнување на кожата и дисплејот, и со тоа расипување.
„Наметката (заштитниот слој) го задржува кислородот и водената пара доволно добро за да може да работи и до ‘неколку дена’“, вели Робертсон. Во случајов, кога „е-кожата“ била нанесена на фигура, таа останала осветлена и прикажувала резултати цели 4 дена.
Светлата користени во дисплејот се наречени „органско-полимерски светло-емитирачки диоди (PLEDs)“, што всушност се мали „чаршафи“ од енергетско-ефикасни светла кои се палат и гасат кога се изложени на електричен пулс.
Па, освен што во иднина ќе шетаме наоколу со светлосни тетоважи во форма на калкулатори, како всушност оваа технологија може да ни ги промени животите? Пред сé, ќе ги замени фитнес тракерите и медицинските сензори за мерење на човековиот пулс, нивото на кислород во крвта и дневните чекори. Друга намена може да биде тоа што „работниците ќе можат да ги имаат градежните планови или електричните дијаграми прикажани на нивната кожа, без да носат тешки апарати и помагала“, додава Такао Сомеја, дел од научничкиот тим. Во принцип, едноставно е: кожата ќе стане дисплеј и порано или подоцна ќе ја користиме за сé за што во моментов користиме дисплеј.