Крафтверк на 25 јули во Скопје: електронските визионери со спектакуларен концерт на Стадионот на АРМ.

Легендарниот германски состав Kraftwerk, познат како еден од највлијателните бендови во современата музика, ова лето ќе настапи во Скопје. Организирани од „Авалон продукција“, електронските визионери ќе се појават на 25 јули на Стадионот на АРМ, во рамките на својата нова светска турнеја „Multimedia 2026“, која ги вклучува најголемите светски метрополи.

Kraftwerk се незаменлив дел од современата музичка сцена, чијшто придонес е видлив во различни жанрови – од електронската музика и техно-попот, до синт-попот, хип-хопот и рокот. Нивниот уникатен уметнички стил е признат со награди како Grammy Lifetime Achievement Award и членство во Rock & Roll Hall of Fame. Повеќе од пет децении по нивните први чекори, Kraftwerk продолжуваат да претставуваат симбол на иновација и постојано преиспитување на взаемниот однос помеѓу човекот и технологијата.

Во денешно време, кога вештачката интелигенција и технологијата сè повеќе се интегрираат во нашите животи, Скопје ќе биде домаќин на бендот кој пред многу години ја отвори дебатата за симбиотската врска меѓу машината и човекот. Kraftwerk не се само музичари, туку целосен уметнички концепт, каде звукот, визуелниот идентитет, технологијата и сценското изведување функционираат како единствена целина.

Нивното влијание одамна ги надмина жанровските граници. Според многумина критичари, после Битлси, Kraftwerk се сметаат за можеби највлијателниот бенд во историјата на популарната музика. Како инспирација за свои дела ги наведуваат подобно значајни уметници како Daft Punk, Depeche Mode, David Bowie и Kanye West, што дополнително ја потврдува нивната важна улога во развојот на современиот музички израз.

Влезниците за концертот ќе бидат достапни за купување од среда, 28 јануари, од 10 часот, преку платформата за онлајн продажба и на физички продажни места низ целата земја. Цената за партерот изнесува 1.990 денари, додека фан-пит влезниците ќе бидат по цена од 2.990 денари, со ограничен број од 1.000 билети.

Со овој концерт, Скопје ќе биде домаќин на редок и значаен музички настан, а публиката ќе има уникатна можност да го доживее бендот кој засекогаш ја трансформираше музиката, сценското изведување и начините на кои ја разбираме врската помеѓу уметноста и технологијата.