Кралевски: Фудбалот има иднина во Македонија, сега имаме власт која работи на целосна трансформација и знае каде сака да ја види државата

Фудбалот има иднина во Македонија, имаме потенцијал за европски натпревари и не е нереално промените да се видат веќе за 3 години и Македонците повторно да можат да се гордеат на своите фудбалери, вели Игор Кралевски – поранешен репрезентативец на Македонија, играч на Работнички, Хајдук Сплит, Луч Енергија… фудбалер со голема кариера зад себе и со многу постигнати успеси.

Со него разговаравме за состојбите со фудбалот во Македонија и иднината на истиот. Следува интервјуто во целост.

П: Која е иднината на фудбалот во Македонија и дали воопшто има иднина?

Кралевски: Фудбалот има иднина во Македонија, последните неколку години како и се друго во државата и фудбалот стагнираше, тоа е пред се заради лошата политика и лошото раководство во ФФМ. Кога велам лоша политика мислам на претходната власт која октроираше претседател на ФФМ, кој повеќе им служеше на политичките интереси наместо на фудбалот, тоа резултираше со општо разочарување и кај фудбалерите и кај клубовите и кај навивачите, и затоа трибините се се попразни.

Но сега работите се сменија, имаме власт која работи на целосна трансформација на државата и власт која знае каде сака да ја види државата за 5, за 10 и за 20 години. Оттука сметам дека таа позитивна клима се пренесува на сите полиња и се чувствува слободата која дојде како последица на промените.

Наскоро од сега јас лично сметам дека ќе се случат позитивни промени и во ФФМ, а тоа ќе допринесе до позитивни промени и на стадионите, т.е. подобар фудбал и погледани уткамици.

П: Толку ли е важна ФФМ и нејзиното раководство за поквалитетен фудбал?

Кралевски: Секако дека да, ако раководството на ФФМ не е насочено кон развој на фудбалот и промоција на истиот тогаш имате стагнација, зошто тоа е куќата на фудбалот во Македонија, и воопшто секоја таква федерација во било која друга држава, од тука почнува се.

Потребни се квалитетни промени и делување и политика кои ќе осигураат развој. И јас сум уверен дека до тоа ќе дојде.

П: Имаме ли потенцијал за европски натпревари?

Кралевски: Апсолутно дека имаме, Вардар е гордоста на Македонскиот фудбал и тој има пред се најголема историја и основа за големи успеси. И не само тој, сите клубови низ Македонија имаат потенцијал со квалитетна работа, со добри младински школи да создадат играчи кои ќе бидат новите фудбалски ѕвезди. Така ќе имаме тимови кои редовно ќе се пласираат и ќе постигнуваат успеси.

П: Колку е реално таков успех да се случи брзо?

Кралевски: Реално е, може не за една година, но за период од три години од сега резултатите би биле видливи и Македонците повторно ќе може да се гордеат на своите фудбалери. А кога ќе изградите квалитетни играчи како што реков претходно, вие имате и силен потенцијал за светски и европски првенства како држава и тоа треба да ни биде целта.

Не е нереално Македонија да носи медаљи од европски првенства. Некој ќе каже дека тоа е сон, но тој кој што не сонувал и не почнал да работи на тој сон, не може ниту да го оствари. Ајде ние да почнеме да сонуваме и да работи за тој успех и јас ви гарантирам дека до тој успех ќе дојде.

- Реклама -