Краснопис во дигитална ера со Небојша Гелевски – Бане

Детската работилницата „Правиме букви“ вчера втор пат се одржа во културниот центар „Бруталиск“ под  раководство на  Небојша Гелевски-Бане, графички дизајнер и вљубеник во типографија и фонтови.  

Работилницата беше структуирана во неколку категории и вежби. Децата  учеа за историјата на типографија и писмо и први алатки и класификација на писма. Имаа вежби со сечење со ножици букви од хартија, склопуваа букви на шрафирани листови хартија, цртаа букви.

Поразговаравме со креаторот на оваа работилница која беше доволно интересна и за возрасните.

Трн: Од каде идејата за ваков тип работилница?

Бане: Идејата потекна од Искра Димкова од Сказнувалка, таа ме замоли да одржам работилница за македонска типографија за деца ама јас ја претворив во работилница со малку поголема суштина. Инаку идејата генерално дојде затоа што работам типографија, дури држам часови на Бреинстер Некст и Бреинстер Академијата и таму баш ги предавам овие работи. И мислев дека овие часови можат да се прилагодат за деца, децата да учат од најрани нозе за типографијата бидејќи овој тип едукација недостасува во Македонија. Таа нивна креативност да излезе, и повеќе да научат за самите писма, облици, фонтови и емоции што ги пренесуваат.

Трн: Дали оваа работилница може да се поврзе со предметот Краснопис што повеќе не постои?

Бане: Апсолутно. Ова се деца кои се креативни, кои активно посетуваат работилници, кои добро цртаат или можеби само сакаат да се запознаат со типографијата, реално цела една уметничка дејност било цртање на букви – калигрфија. Ова може да биде еден почетен стадиум на цела една школа на калиграфско уметничко пишување или краснопис, но повеќе да се изразат самите со свои цртежи да ги создадат сите 31 буква од македонската азбука а да бидат на некој начин специфични. На првата работилница имавме доста добри резултати, се појавија многу интересни букви, така што мислам децата се навистина креативни во секој поглед. Позитивно се изненадив од резултатите. Почетен старт на нешто што подоцна би можело да се развива како фонт.

Трн: Дали можеби после неколку работилници ќе се пласира и нов фонт? Како се поставува едно писмо ?

Бане: Тоа е многу тешко. Тука би го пофалил Ласко Џуровски, нашиот најдобар фонт дизајнер. Тој произведува фонтови и тоа еден до два месечно, што е неверојатно. Правењето фонт е многу интересна работа ако треба да се направи идеален од почеток до крај. Но, од вакви работилници каде реално вежбаме да создадеме почетни типови за фонт, може да се создадат детски фонтови релативно брзо и можат да се дигитализираат. Не можеме премногу да очекуваме, но дел од тие деца можеби ќе бидат идни фонт дизајнери и можеби ќе се бават со графички дизајн, повеќе ми е тоа целта, да ги издигнеме тие вештини на малку повисоко ниво.

Проектот е финансиран од Министерството за култура преку програмата „Цртај на македонски јазик.“

Со присуство на голем број дечиња работилницата помина многу успешно за што на крајот сите учесници добија дипломи. Предвидени се уште три вакви работилници кои ќе се реализираат во текот на месеците април и мај.

- Реклама -