Кремљ: Протечените документи ја покажуваат вмешаноста на САД во војната против Русија

Протечените документи покажуваат вмешаност на САД во војната во Украина против Русија, тврди Кремљ.

„Немаме ни најмал сомнеж за директното или индиректното учество на САД и НАТО во конфликтот меѓу Русија и Украина“, изјави портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков, за американската телевизија Си-Ен-Ен, откако на руски канали беа објавени наводно „строго доверливи“ документи од плановите на САД и НАТО за помош на украинската војска во контраофанзивата против Москва за враќање на териториите кои сега се под руска контрола.

Иако Киев ги оцени документите како руска манипулација и тврди дека содржат „големи количини фабрикувани информации“, Песков рече дека учеството на САД и НАТО во конфликтот расте.

Прочитајте и:  Сибиха: Русија може да се натера на мир само со сила

„Го следиме процесот. Да, и се разбира дека тоа комплицира сè, но не може да има никакво влијание врз конечниот исход на специјалната операција“, изјави портпаролот на Кремљ.

Според германската ДПА, ваквите документи ќе го поддржат тврдењето на Кремљ дека САД намерно поттикнуваат раздор меѓу Москва и Киев со цел да ескалира конфликтот и со тоа да ја ослабне Русија и да ја дестабилизира Европа.

Извор: МИА

- Реклама -