Кремљ: Саботажата на гасоводите веројатно е акт на државен тероризам

Истекувањето на природен гас во Балтичкото Море од двата гасовода до Германија е веројатно резултат на државно спонзориран „тероризам“, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Според него, „ова изгледа како терористички чин, можно на државно ниво“, бидејќи, како што рече, тешко е да се замисли дека „таков чин на тероризам може да се случи без интервенција на некоја земја“.

Портпаролот ја опиша ситуацијата како „многу опасна“ и побара „итна истрага“.

Американската телевизија Си-Ен-Ен, повикувајќи се на три извори, претходно објави дека европските безбедносни служби забележале руски помошни бродови и подморници недалеку од местата на истекување. Коментирајќи го ова прашање, Песков рече дека има многу поголемо присуство на НАТО во областа. Дополнително, Русија тврди дека истекувањето на бреговите на Данска и Шведска се на места кои се „целосно под контрола“ на американските разузнавачки агенции.

Претходно и портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека истекувањето на гас во близина на брегот на Данска и на Шведска се случило во подрачје врз кое „Вашингтон има целосна контрола“.

„Тоа се случи во трговските и економските зони на Данска и Шведска. Тоа се земји кои се целосно под контрола на американските разузнавачки служби“, истакна Захарова во интервју за телевизијата „Соловјев лајф“, но без да наведе докази за нејзиното тврдење.

Прочитајте и:  Бајден бара од Конгресот да и отпише долг на Украина од 4.6 милијарди долари

На самит во Прага следната недела, лидерите на ЕУ ќе разговараат за истекувањето гас, кое сега е веќе во четврти ден. ЕУ ги истражува причините за истекувањето гас од Северен поток 1 и 2, но исто така се сомнева во саботажа. Унијата, како и НАТО, вети „силен“ одговор на секое намерно нарушување на нејзината енергетска инфраструктура.

Не е јасно кој би можел да стои зад таков намерен напад на гасоводите, за чија изградба Русија и западните земји потрошија милијарди долари, посочуваат западните медиуми.

Тие цитираа изјава на претставник на ЕУ, според кого инцидентот „суштински ја променил природата на конфликтот во Украина“, исто како што тоа се случило и со мобилизацијата во Русија и извесната анексија на украински територии.

„Нападот врз стратешката инфраструктура значи дека стратешката инфраструктура на Унијата мора да биде заштитена“, рекол претставникот на ЕУ за западните медиуми.

Извор: МИА

- Реклама -