Денеска руските сили почнаа да напредуваат во Украина, откако претседателот Владимир Путин вчера вовел прекин во офанзивата, очекувајќи разговори со Киев, објави Кремљ, обвинувајќи ја Украина што не дошло до преговори.
„Вчера (петок), очекувајќи преговори, рускиот претседател нареди да се запре напредокот на повеќето (руски) сили. Бидејќи украинската страна ги одби преговорите, напредувањето на руските сили продолжи денеска“, изјави портпаролот на рускиот претседател – Дмитриј Песков.
Поради „одбивањето на преговори“ од страна на Украина, на руската војска ѝ е наредено да ја прошири својата офанзива во Украина „во сите правци“, соопшти попладнево руското Министерство за одбрана.
„Откако украинската страна го отфрли преговарачкиот процес, денеска сите единици добија наредба да ја прошират офанзивата во сите правци, во согласност со плановите на операцијата“, се вели во соопштението на портпаролот на руската армија, Игор Конашенков.
Украина, меѓутоа, демантираше дека одбила преговори за примирје со Русија. Според советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски – Михаило Подолиак, Украина подготвила преговарачка позиција, но се соочила со неприфатливи услови за преговори поставени од Русија. Украина не ги одбива преговорите, но не се согласува со руските ултиматуми, рече Подолиак за Ројтерс.
Вчера Песков ја обвини Украина дека одолговлекува со одговорот на предлогот на Русија за преговори во главниот град на Белорусија – Минск, откако претходно земјата побара средбата да се одржи во Варшава. Според Песков, Украинците направиле „долга пауза“ во комуникацијата, која ја искористиле за „украинските националисти“ да распоредат ракетни системи во поголемите градски области. Иако Песков не презентираше докази за ваквите тврдења, тоа го оцени како „многу опасен развој на настаните“.
Извор: МИА