Кремљ: Путин јасно му стави до знаење на Западот за последиците од ракетите со долг дострел за Украина

Рускиот претседател Владимир Путин испрати јасна порака до Западот за последиците од дозволувањето на Украина да ја нападне руската територија со западни ракети со долг дострел, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесе БТА.

Путин вчера изјави дека Западот директно ќе војува со Русија доколку и дозволи на Украина да напаѓа цели на руска територија со западни ракети со долг дострел, потег што според него ќе ја промени природата и опсегот на конфликтот.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека нема сомнеж дека пораката на Путин стигнала до оние за кои била наменета.

За предлогот на Путин да се ограничи извозот на руски метали, Песков рече дека ова е покана до официјалните лица да размислат за тоа, а конкретни мерки во оваа насока се уште нема.

Портпаролот на Кремљ истакна дека предлогот е реакција на западните економски санкции и не е поврзан со прашањето за употребата на западните ракети со долг дострел од страна на Украина.

Прочитајте и:  Волц: Трамп планира да ги доведе Русија и Украина на преговарачка маса и да стави крај на војната

-Нема врска меѓу овие работи. Тоа е поврзано со практиката на нелегални трговски ограничувања, обиди против нашата земја постојано да се прибегнува кон нови и нови трговски ограничувања. Сè уште нема специфики, тоа беше предлог да размислуваме за тоа без да си наштетиме еден на друг, без да им наштетиме на нашите сопствени интереси. Тие (Владата) ќе го разгледаат, рече Песков.

Кремљ се воздржа од коментари откако Украина рече дека Русија вчера користела стратешки бомбардери за да нападне цивилен брод со жито во водите на Црното Море во близина на Романија.

Украина и Романија го осудија нападот на бродот, кој превезуваше украинско жито во Египет и беше погоден веднаш по напуштањето на украинските територијални води.

- Реклама -