Суперхикс синоќа понуди одлична забава и возбудлива атмосфера на првата вечер од музичкиот фестивал “Џојфест”, кој годинава се одржува по 11 пат во Крива Паланка.
На Градскиот плоштад во Крива Паланка публиката играше во ритамот на песните од најновиот албум на Суперхикс, но и со добро познатите хитови од тридецениска музичка кариера на македонската сцена.
Меѓу бројните посетители беше и Ана Блажеска, најголемиот фан на Суперхикс, која досега не пропуштила ниту еден концерт на своите омилени изведувачи. Специјално за неа, бендот ја изведе песната “Ана”, која дополнително ја згреа атмосферата на фестивалот.
Покрај Суперхикс, на првата вечер, настапи и познатиот даб, реге и кросовер бенд „Конкверинг лајон“ од Тетово, инаку омилена група на младите кривопаланчани.
„Џојфест“ и овој пат ја оправда својата репутација, нудејќи одлична забава и атмосфера за почеток, а вечерва се најавува подеднакво возбудлива журка и забава со групите Кисити, Парампашчад и Бубњиви и Пси од Црна Гора.
Спектакуларната музичка завршница, пак, е резервирана за балканската под дива Калиопи која се очекува вечерва да ја крене публиката на нозе со нејзините познати хитови, како и песните од новиот албум „Албум“ со кој прославува 40-годишна музичка кариера.
Џојфест годинава е дел од „ Крива Паланка – Град на културата” и Кривопаланечко културно лето.