Кривична пријава против 66-годишник за демнење на началник во неготинската полиција

Неготинецот, како што велат од МВР, подолг временски период го следел и го прогонувал, се мешал во личниот и приватниот живот на 41-годишен вработен како началник во Одделението за внатрешни работи Неготино, неговата сопруга и двете малолетни деца

Шеесет и шестгодишниот неготинец Љ. Т. добил кривична пријава поради сомневање дека сторил кривично дело демнење, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Неготинецот, според МВР, подолг временски период го следел и го прогонувал, се мешал во личниот и приватниот живот на 41-годишен вработен како началник во Одделението за внатрешни работи Неготино, неговата сопруга и двете малолетни деца.

Пријавениот, се додава во полициското соопштение, во повеќе наврати воспоставувал и настојувал да воспостави контакти со оштетениот со движење во службените простории на ОВР Неготино и во центарот на градот.

„Скоро секој ден го следел неговото движење, доаѓал во ОВР Неготино, постојано го барал, а кога не го добивал, го чекал пред вратата на неговата канцеларија, како и пред ОВР Неготино. Постојано му ѕвонел на мобилниот телефон, снимал и објавувал видеоклипови на социјални мрежи со навредливи и содржини со кои имал намера да му наштети на угледот“,

велат од МВР.

Со ваквото однесување, додаваат оттаму, пријавениот го сторил делото за кое ОВР Неготино ја има поднесено пријавата до Основно јавно обвинителство Кавадарци.  

- Реклама -