Крмов: Левица деновиве ќе поднесе нова референдумска иницијатива, Џафери се однесува како окупатор

Левица деновиве ќе поднесе нова референдумска иницијатива, при што дефинитивно прашањето ќе биде со одговорот „против“, најави денеска пратеникот Борислав Крмов.

„Сметаме дека претходното прашање беше грешка, затоа што кампања ‘Против’ ќе биде во духот на протестите против францускиот предлог, каде огромното мнозинство македонски народ кажа ‘НЕ’“, изјави Крмов.

Тој потенцираше дека немало никаква правна логика за спикерот на Собранието – Талат Џафери, да ја одбие и претходната, исто како што ќе нема ни за оваа на Левица, затоа што, како што рече Крмов, тој како спикер не смее да влегува во материјално толкување.

„Одбивањето на иницијативата од страна на Џафери не е никакво правно толкување, туку тоа е чиста политичка узурпација и Џафери, наместо да се однесува како Претседател на Собранието на сите граѓани, тој се однесува како узурпатор и ОКУПАТОР“.

Не може да станува збор за неуставност за Договор што може да се укине од Влада со обичен писмен допис, а тоа го предвидува член 13 од Договорот за добрососедство на Бугарија, додаде Крмов.

Тој предупреди дека ако Џафери се обиде да ја одбие и нивната иницијатива, Левица ќе премине на тотална блокада на Собранието.

„Имаме договор со ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе доведеме до целосна парализа на Законодавниот дом. Тоа значи блокирање на сите Комисии и на сите пленарни седници, односно ќе се преземат сите опции додека не застане Законодавниот дом и ова самоволие не се прекине“, најави пратеникот на Левица.

Крмов додаде и дека власта мора да знае дека ако не му дозволи на народот политички да изрази незадоволство, тогаш во комбинација со енормно високите цени, тоа може да доведе до „општествена експлозија“.

„А зимата доаѓа“, предупреди тој.

- Реклама -