Културните работници предупредуваат: „Скопје – Европски град на културата 2028“ да не стане „Скопје 2014, верзија 2.0“

Зоран БОЈАРОВСКИ

Некако ми е страв „Скопје – Европски град на културата 2028“,  да не стане „Скопје 2014, верзија 2.0“, е првата реакција на Никола Писарев, еден од основачите на Центарот за современа уметност(ЦСУ)  и програмски директор со богато искуство.

Писарев реагира на објавениот „повик за изразување интерес за основачи на здружение за имплементација на проектот Скопје Европска престолнина на културата 2028“, објавен на веб страницата на Универзална сала како институција која што Градот Скопје ја определи како носител на активностите за подготовка на концептот и програмата за престижниот статус што го доби Скопје, во 2028 година да биде Европска престолнина на културата (ЕПК).

„Повикот лично мене ми  е смешен. Нешто како комбинација на „сакам кажам  – не знам речам“ и информација во јавноста за промена на ДУП, бидејќи знаеме како се менуваат ДУП овите – за божиќ, нова година, втори август кога нема луѓе и кога луѓето не очекуваат“, коментира Писарев.

Тој вели дека рокот определен за апликација за еден ваков грандиозен проект (5 дена) е многу кус и дека пред да биде објавен требало да биде организиран разговор за да се искристализираат работите за да се добие се добие и инклузивност во идејата и понатаму во процесот.

Никола Писарев од ЦСУ потсетува дека„за воља на вистината пред 5-6 години, кога се правеа првите, апликации имаше една екипа која имаше некоја визија сакаше да направи нешто“.

„Сега излезе дека универзална сала ќе биде носител, ама прашање е кои се достигнувањата на Универзална сала како ентитет, како менаџери во мак културата?  Џез-фестивал? Не, тоа го праеше Скопски џез фестивал, Универзална сала даваа клуч од објектот. Златно славејче? Не, и тоа си има свој организатор. Концертите? Не, и тоа си е во организација на продукциски куќи. Се зборува за некои тајни менаџерски способности на Универзална сала кои бар јас не сум ги видел. Можеби постојат, не знам. Можеби и земјата е рамна плоча и тоа не знам, ама сликите на планетата од вселената и гравитацијата друго викаат…“, нагласува Писарев.

Во однос на условите поставени во повикот, Писарев вели дека Воопшто не се јасни и дерка единствено што е јасно е дека треба да имате валиден сертификат за англиски јазик.

„Друга работа повикот е за основачи на здружение? Се бараат 2 приватни лица (едното странец) и 2 правни лица (едното странско)?!? Во каква форма тие ќе се здружат? Не знам дали постои во правниот систем на Северна Македонија тип на некакво здружение кое го основаат двајца поединци и две правни лица“, посочува Писарев ос ЦСУ.

Зошто Здружение, а не Фондација Скопје 2028 како што беше предвидено

На делот од повикот за за изразување на интерес за основачи на Здружението Скопје 2028 во кој се наведува дека се бараат„2 (две) невладини организации од областа на културата, од кои една национална, а една од Европска Унија, и „2 (двајца) експерти од од кои еден национален, а еден од Европската Унија“, реагира и Роберт Алаѓозовски, поранеше министер за култура и културен работник со непосредно дитректно искуство во организацијата на културни манифестации.

„Експертите и практиката покажува дека почеста користена правна форма е Фондација, Установа или претпријатие. Лично сметам дека Фондацијата или компанијата би биле поефикасни во однос на менаџирањето на овој голем проект. Здруженијата на граѓани се погломазни тела, со побавни процедури и помала оперативна ефикасност. Фондацијата или установата е попогодна форма и од аспект на менаџирање со наследството на престолнината, по 2028 година“, укажува Алаѓозовски.

И навистина, ако ја отворите апликативната книга БИД БУК за проектот ,,Скопје Европска престолнина на културата 2028“, ќе видите дека во овој документ, врз основа на кој Скопје ја доби привилегијата на биде ЕПК за 2028, стои дека реализација на овој грандиозен проект ќе биде формирана Фондација Скопје 2028.

„По добивањето на поволен одговор по вториот панел, навремено ќе се започне со формирање на Фондацијата Скопје 2028. Оваа фондација ќе работи во согласност со Законот за здруженија и фондации и ќе биде надгледувана од градоначалникот на Скопје, кој ја извршува функцијата нејзин претседавач. Нејзината примарна одговорност ќе биде да ја развие потребната културна инфраструктура за успешно спроведување на програмата ЕКП2028. За да обезбеди отвореност и инклузивност, Фондацијата ќе го прошири својот досег и на јавните и на приватните учесници. Нејзината институционална поддршка ќе ги опфати градските, регионалните и владините власти, поттикнувајќи средина за соработка. Градоначалникот на Град Скопје автоматски е дел од Одборот Скопје2028“, стои во апликативната книга БИД БУК за проектот ,,Скопје Европска престолнина на културата 2028“.

Што се случи во меѓувреме не е јасно и зошто Градот Скопје и Универзална сала влегоа во една ваква нова и за многумина проблематична постапка.

„Многу ми  е криво ако ја пропуштаме шансата. Уште лани, кога како после свадба тупани дознавме за завршениот полутаен конкурс за идеи за проекти за Скопје 2028, во разговор со колегите сфативме дека скоро секој од нас  размислувал што би било интересно да се направи за тој проект, како да се направи таа 28-ма или тие 6-7 месеци од таа година, но и во годините пред тоа да останат запамтени за наредните генрации. Сега кога гледам како се одвиваат работите најверојатно ништо од тоа. А тоа фрустрира, нервира и најлошо  од се разочарува“, потенцира Никола Писарев од ЦСУ.

А во апликативната книга БИД БУК за проектот ,,Скопје Европска престолнина на културата 2028“ јасно е запишано: „За да обезбеди отвореност и инклузивност, Фондацијата ќе го прошири својот досег и на јавните и на приватните учесници. Нејзината институционална поддршка ќе ги опфати градските, регионалните и владините власти, поттикнувајќи средина за соработка“.

Во објавениот повик за изразување интерес за основачи на здружение за имплементација на проектот Скопје Европска престолнина на културата 2028, ги нема овие добри и конструктивни намери. Град Скопје и Универзална сала треба сериозно да размислат за овие укажувања.

Извор: https://racin.mk/analizi/kulturnite-rabotniczi-predupreduvaat-skopje-evropski-grad-na-kulturata-2028-da-ne-stane-skopje-2014-verzija-2-0/

- Реклама -