Поранешниот директор за европски прашања во Советот за национална безбедност на САД, Чарлс Купчан смета дека акциите на косовската влада на северот на земјата, населен со мнозинство Срби, се мотивирани од внатрешната политика, пред изборите во февруари 2025-та, но нагласува дека тие се опасни за Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Минатиот петок, Владата предводена од Албин Курти затвори неколку српски паралелни институции на северот на земјата.
Акцијата предизвика реакции на НАТО, Европската унија, САД и другите западни земји, кои ја опишаа како „некоординирана“ со западните сојузници и ја оценија како безбедносен ризик, како за граѓаните, така и за припадниците на Мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР.
„За мене тоа се гестови и маневри на ниво на внатрешна политика, кои можеби се добри за политичката судбина на Курти, но не се добри за Косово“, изјави Купчан во денешното интервју за Радио Слободна Европа.
Според него, Косово мора да го балансира практикувањето на суверенитетот со цел да ги нормализира односите со Србија и да стане членка на ЕУ и НАТО.
Како што пренесува МИА, Купчан смета дека последната акција на официјална Приштина е особено загрижувачка, „бидејќи доаѓа по низа чекори преземени од Владата на Курти – од неговото доаѓање на власт – кои го попречуваат дијалогот со Србија и ги загрозуваат односите со САД и Европската унија“.
„Било да е тоа забраната за користење на динарот или обврската за промена на регистарските таблички, обидот за отворање на мостот на Ибар, едностраниот обид да се постават градоначалниците на општините на север, иако тие беа избрани од мало малцинство гласачи или сега затворањето на овие паралелни институции… ова не се корисни чекори. Но, сега кога се најавени изборите во Косово за февруари, мислам дека Курти се позиционира добро во тој процес“, оценува Купчан.
Тој вели дека на сите им е јасно оти „секаде во светот, а особено на Балканот, национализмот добро функционира“ и дека „Курти го прави токму тоа“.
„Но, според моја проценка, тоа е кратковидно, бидејќи ја поткопува поддршката на Косово кај меѓународната заедница и не помага да се унапреди дијалогот со Србија – напротив, го враќа назад. За мене тоа се гестови и маневри на ниво на внатрешна политика, кои можеби се добри за политичката судбина на Курти, но не се добри за Косово“, изјави Купчан.