Купила „Буба“ во 1966 година и уште ја вози, Фолксваген ја награди за верноста

Американската Кетлин Брукс ја купила својата црвена Фолксваген „Буба“ во декември 1966 година, кога „Бубите“ беа популарни во САД, особено меѓу младите. До ден денес Кетлин уште ја вози. Има поминато над пола милион километри. Секој ден оди со неа на работа, а и ја смета за член на семејството. Ѝ дала дури и име – „Ени“.

Кога од Volkswagen North America чуле за приказната на Кетлин и „Ени“, одлучиле да ја наградат верноста на Американката со тоа што целосно ќе ѝ ја обноват „Бубата“ и ќе ѝ го вратат стариот сјај од пред пола век , кога „Ени“ го напуштила салонот.

Реставрацијата е направена во фабриката во Пуебла, Мексико, која е најголемиот погон на Фолксваген надвор од Германија во кој своевремено се произведувала и оригиналната Буба. На обновата работеле 11 месеци, а учествувал тим од вкупно 60 работници и млади практиканти на обука.

Најголем предизвик биле за’рѓаните делови на каросеријата, обновата на системот за суспензија, преносниот систем и електричните инсталации.

Интересно е што примерок за оригиналната црвена нијанса на бојата бил земен од внатрешноста на преградата за ракавици, бидејќи тој дел не е директно изложен на сонце и таму најдобро е зачувана оригиналната боја.

На крајот, на Бубата ѝ биле заменети околу 40% од деловите, а во целост биле реставрирани 357 оригинални компоненти.

Сепак, неколку од елементите на обновената „Буба“ се разликуваат од оние фабричките од 1966 година. За почеток, оваа новата, по одлука на тимот на VW, има диск кочници, какви што биле вградувани и во подоцнежните верзии на мексиканската „Буба“. Понатаму, современата варијанта на оригиналниот радио-уред има и Bluetooth конекција.

Во целост се заменети и сите електроинсталации во возилото, обновен е и преносот, а суспензијата е целосно подобрена, како што велат од VW. Моторот на „Бубата“ бил внимателно расклопен, исчистен и обновен, а седиштата добиле нови кожни навлаки.

Како што велат од тимот на VW, целта не им било да ја доведат „Бубата“ во музејска состојба, туку да може сопственичката и понатаму да ја вози безбедно и со задоволство, уште многу години.

 

- Реклама -