Курти: Нема да дозволиме дестабилизација на Косово

Приштина, 1 август 2022 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека нема да дозволи ситуацијата во земјата да се дестабилизира и повтори дека спроведувањето на одлуките на Владата ќе се одложат во моментот кога ќе бидат отстранети сите барикади поставени на север.

„Во моментот кога ќе се отстранат барикадите на север и ќе се воспостави целосна слобода на движење, спроведувањето на двете владини одлуки се одложува за 1 септември 2022 година. На север има девет барикади и очекуваме сите да бидат отстранети во текот на денешниот ден“, рече Курти на заедничката конференција за новинари со министерот за внатрешни работи Џељаља Свечија.

Курти посочи дека одлуките на Владата на Косово никогаш не се носат врз основа на националниот идентитет.

Прочитајте и:  Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во С. Македонија ќе наиде на решително противење и единство на Албанците од цел Балкан

„Насилството нема да се толерира, прекршителите ќе бидат казнети според законот“, рече тој.

Косовскиот премиер им се заблагодари на американскиот амбасадор Џеф Ховени и на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел за отворената комуникација и нивната улога во смирувањето на ситуацијата..

Тој додаде дека ја разбира загриженоста на европските и американските фактори поради, како што рече, негативниот ефект од кампањата за дезинформации врз двете одлуки, па изразиле подготвеност да ја одложат нивната примена до 1 септември, штом се отстранат барикадите.

„Го повикуваме меѓународниот фактор, ЕУ и НАТО, да го осудат насилството и агресијата на криминалните групи на северот на Косово, кои се охрабрени и финансирани од Белград“, рече Курти.

- Реклама -