Курти: Одлуката за регистрациите на возилата е во согласност со Уставот на Косово

Брисел, 17 август 2022 (МИА) – Премиерот на Косово, Албин Курти, оствари средба со генералниот секретар на НАТО, каде ја бранеше одлуката со која се бара од српските жители на Косово да ги сменат регистарските таблици на возилата, јави дописничката на МИА од Брисел.

Регистарските таблици и личните документи беа меѓу главните причини за ескалацијата на тензиите во Косово на крајот на јули. Одлуката ја донесе косовската влада согласно својот Устав и закони.

Запрашан дали е подготвен да ја промени одлуката за таблиците, Албин Курти објасни дека таа е легитимна и легална и прифатлива за Србија. Старите регистарски таблици датираат од крајот на деведесеттите, рече Курти, но од јануари 2018 Белград се заложил дека ќе прекине со производство на српски регистрации за жителите на Косово. Косовската влада бара од сите жители на Косово да ги регистрираат своите возила со РКС.

-Започнавме кампања за да ги информираме сите српски граѓани, создадовме и финансиски поволности, кога ги менуваат регистарските таблици тие не треба да платат акцизи, ниту ДДВ, ние ќе продолжиме со кампањата и ќе продолжиме со промената на таблиците. Самата Србија се согласи со ова во јануари 2018 кога рече дека нема повеќе да произведува вакви таблици веќе и нема да ги присилува Србите да ги користат, рече косовскиот премиер.

Тој додаде дека оваа одлука се носи во согласност со законот и Уставот на неговата земја, како и согласно ветувањата на Србија.

„Не гледаме начин да се заобиколи ова, ова е во полза на сите, да се направи сѐ легитимно и легално во нашата земја“, изјави Курти.

Прочитајте и:  Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

Што се однесува до српските обвинувања за селективно прогонување на српски жители на Косово под превез на организиран криминал, косовскиот премиер ги отфрли овие наводи и истакна дека косовската полиција работи професионално и гони организиран криминал без разлика на етничката припадност, бидејќи гонети и апсени се и етнички Албанци во акциите против организиран криминал, рече тој.

Курти повтори дека неговата земја сака да стане членка на НАТО Алијансата, но и дека е свесен оти четири земји членки на Алијансата не го признаваат Косово.

„Знам дека има четири земји кои не ја признаваат независноста, јас секогаш работам макотрпно и инсистирам на она што е праведно и потребно“, истакна премиерот Курти.

За време на прес конференцијата тој го нарече однесувањето на Србија деструктивно. Косово, рече тој, е демократска земја која работи на усогласување со сите професионални стандарди на НАТО.

„Заканите и ризиците со кои се соочува НАТО се чувствуваат и во нашата земја, тоа е причина да се биде внимателен кон деструктивниот пристап на северниот сосед во регионот под влијание на Русија“, изјави тој.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, од своја страна, повтори дека НАТО е подготвен да интервенира на Косово доколку дојде до ескалација, но дека во моментов ситуацијата е мирна. Тој ги повика двете страни да се воздржат од провокации и запалива реторика.

Српскиот претседател и косовскиот премиер овие два дена престојуваат во Брисел каде ќе одржат нова рунда преговори под покровителство на ЕУ, неколку недели по ескалацијата и тензиите на северот на Косово.

- Реклама -