Курти: Ослободувањето на Радоичиќ личи на договорот на Пабло Ескобар со колумбискиот претседател

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека апсењето и ослободувањето на организаторот на нападот во Бањска кај Звечане, Милан Радоичиќ од страна на властите во Србија е слично на договорот на наркобосот Пабло Ескобар со претседателот на Колумбија.

Во интервју за црногорскиот медиум „Побједа“, кое го пренесуваат косовските медиуми, Курти вели дека Радоичиќ се согласил да биде приведен од српската полиција, по што надлежен суд во Белград му го укина притворот уште утредента, како што Ескобар се договорил да биде затворен, под услов да биде сместен во неговиот затвор.

– Апсењето и ослободувањето на Радоичиќ потсетува на договорот на Пабло Ескобар со колумбискиот претседател: Ескобар всушност се согласил да оди во затвор под услов да биде сместен во свој, независно изграден затвор, во кој ќе ги контролира командантите, наместо обратно; таму наводно би ја отслужил казната, рече Курти.

Косовскиот премиер вели дека санкциите кон Србија од меѓународниот фактор за случајот во Бањка се неопходни, бидејќи, според него, доколку не бидат воведени, Србија ќе го повтори злосторството.

-Доказите собрани во текот на спроведените истраги покажуваат директна вмешаност на државните институции на Србија во овој чин на агресија врз Република Косово. За ова Србија треба да биде меѓународно санкционирана и казнета. Доколку и овој чин остане неказнето, Србија ќе го повтори делото, рече Курти.

Прочитајте и:  Мицкоски од Приштина: Економската соработка со Косово ќе биде над половина милијарда евра

Со овој напад, вели Курти, Србија сака статус на „мала Русија“ на Балканот, каде што ентитетот на Република Српска во Босна и Херцеговина ќе стане „мала Белорусија“.

Според косовскиот премиер, Србија и денес сонува за голема Србија.

– Има претензии на дел од територијата на државата Босна и Херцеговина, тој сака да ја претвори Црна Гора во Украина, да ни го украде северот на Косово, рече Курти.

Тој вели дека е неспорна одговорноста на Србија за, како што го нарекува, терористичкиот напад на криминалните групи од Србија, не само против косовската полиција, туку и против самата држава Косово.

-Неспорно е докажано дека оружјето и борбената обука на српските професионалци кои го нападнаа селото Бањска кај Звечане доаѓаат од Србија. Целото запленето оружје е произведено во Србија, донесено е од Србија и по вид и количина било доволно за цела војска, изјави Курти за подгоричкиот весник „Побједа“.

МИА

- Реклама -