Курти пред студентите на Европската мастер-програма во Венеција: Косово е светилник на демократијата на Западен Балкан

Претседателот на Владата на Косово, Албин Курти вчера учествувал на церемонијата на дипломирање на Европската мастер-програма за човекови права и демократизација (ЕМА), која се одржа во монументалниот историски комплекс „Скуола Гранде Сан Ѓовани Евангелиста“ (Scuola Grande San Giovanni Evangelista) во Венеција, Италија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти прес-службата на косовската влада, како главен говорник на свеченоста на која дипломираа 82 студенти од 32 земји, Курти во своето обраќање рече дека оваа академска година се совпаѓа со два значајни јубилеи кои се поврзани меѓу себе:

„Прво, декември 2023 година ја одбележа 75-годишнината од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права, која претставува основен документ за човековите права, и второ, оваа година ја одбележа 20-тата студентска посета на програмата ЕМА во Косово за учење од прва рака за унапредувањето на човековите права и демократизацијата на општеството во практична смисла“, се цитира Курти во владиното соопштение.

Тој нагласил дека Косово, во овој период, „од длабочините на репресијата, апартхејдот и геноцидот“ се издигна до „светилник на демократијата и човековите права на Западен Балкан и пошироко“.

Прочитајте и:  Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во С. Македонија ќе наиде на решително противење и единство на Албанците од цел Балкан

„Република Косово денес, како и Универзалната декларација за човекови права, го претставува извонредното патување од длабочините на репресијата, апартхејдот и геноцидот до она што сме сега: светилник на демократијата и човековите права на Западен Балкан и пошироко“, изјавил косовскиот премиер.

Тој додал дека „човековите права се најголемиот изум на 20 век и нашата лојалност кон човековите права ќе ја одреди судбината на 21 век“.

Курти, според соопштението од неговиот кабинет, ги повикал новите дипломирани студенти „да продолжат да поставуваат прашања, да бидат љубопитни и немилосрдно да се посветат на тоа светот да биде подобро место за сите“.

„Студентите на програмата ЕМА 20 години по ред го посетуваа Косово на крајот од нивниот прв семестар за да ја видат од прва рака реалноста на теренската работа за човековите права и широкиот опсег на актери потребни за обнова на повоеното општество. За време на овие студиски посети, студентите од програмата беа пречекани на средба и дискусија од премиерот Курти“, се вели во соопштението.

- Реклама -