Курти: Средбите со Србија отежнати поради нејзината поддршка на Русија во агресијата врз Украина

Приштина, 15 март 2022 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека, по руската агресија врз Украина и поставувањето на Белград на страната на Русија, и средбите меѓу државните претставници на Косово и Србија се значително отежнати спредено со минатата година, јави дописникот на МИА од Приштина.

По денешната седница на Собранието на Косово, посветена на последиците врз земјата од конфликтот во Украина, Курти рече дека средбите на највисоко ниво, меѓу него и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во голема мерка зависат и од Европската унија.

„Верувам дека состојбата е потешка одошто во минатото. Зависи од поканата од Брисел, но по руската инвазија во Украина и шокантната руска агресија врз украинскиот народ, (…) додека Србија практично застана на страната на Рсуката Федерација, средбите се доведени во многу потешка ситуација одошто минатата година“, изави Курти.

Прочитајте и:  Русија предупредува на „катастрофални последици“ по одлуката на Бајден да дозволи напади со ракети длабоко на руска територија

Според косовскиот премиер, процесот на преговори меѓу Приштина и Белград е отежнат поради тоа што српските лидери „немаат храброст да се дистанцираат од Руската Федерација и да се приклучат на санкциите“ кон режимот на Путин.

„Европа е во војна, во Украина се брани европскиот континент, се брани западната демократија и наша човечка, граѓанска, демократска обврска е солидаризирањето и поддршката за Украина и за санкциите кон Руската Федерација, а јасно е дека Србија не прави ништо од тоа“, изјави Курти.

- Реклама -