Квалификации ЛШ: Лил го елиминираше Фенербахче, Малме го шокираше ПАОК


Фудбалерите на Лил се пласираа во плеј-оф рундата од Лигата на шампионите откако во два натпревара го совладаа Фенербахче, додека Малме го елиминираше грчки ПАОК.

Откако го доби првиот меч со 2:1, Лил по продолженијата одигра 1:1 во Истанбул и го продолжува патот кон елитното натпреварување на „Стариот континент“. Францускиот тим добро се бранеше до судиското надополнување, кога Бафоде Диаките ја затресе сопствената мрежа, носејќи го натпреварот во продолжение.

Кога Аиса Манди заработи црвен картон во 109. минута поради остар фаул над Ирфан Кахвеџи, се чинеше дека Фенер ќе слави. Сепак, гостите добија пенал во 116. минута со играч помалку. Александар Дијку играше со рака, а шпанскиот судија Хозе Марија Санчез Мартинез покажа на белата точка по ВАР-асистенција. Џонатан Дејвид беше сигурен за 1:1 и пласман на Ли. Фенербахче се сели во Европската лига.

Испадна и грчкиот ПАОК кој загуби со 3:4 од Малме во „луд“ меч во Солун по продолженијата, откако првиот меч заврши 2:2. Гостите поведоа во 10. минута со голот на Себастијан Нанаси. Потоа ПАОК го сврте резултатот со два гола во низа: израмни Таисон во 21. минута, а Константинос Кулиеракис во 43. минута погоди за 2:1. Две минути подоцна, Нанаси израмни, но во четвртата минута од судиското надополнување, Андрија Живковиќ повторно го врати во игра солунскиот тим.

ПАОК имаше водство до шестата минута од судиското надополнување кога Нилс Зетерстром израмни на 3-3, испраќајќи го натпреварот во продолжение. Шокот во Солун дојде во 99. минута кога Андерс Кристијансен ги турна гостите на чекор до голема победа. Во преостанатото време ПАОК се обиде да израмни, но не успеа.

Одличен натпревар се одигра на стадионот „Де Гролш Весте“ во Еншеде каде Твенте и РБ Салцбург одиграа 3:3, со што австрискиот тим одбрани 2:1 од првиот натпревар. Гостите имаа 2:0 и 3:1, но Твенте израмни на 3:3 и во самата завршница бркаше четврти гол и продолженија, но австрискиот тим се одбрани.

Мауритс Кјаергард го доведе Салцбург во водство во 17. минута, а осум минути подоцна Доргелес Нене погоди за 2:0, додека Меес Хилгерс во 43. зголеми на 2:1. Веќе во првата минута од продолжението Муса Јео ги врати Австријците на +2, но во 64. Алек ван Хоренбек намали на 2:3. Салцбург можеше да постигне и четврти гол во 73. минута, но Кјаергард не го реализираше пеналот. Сем Стејн во 87. минута израмни на 3:3, зголемувајќи ги надежите на домашните, но до крајот на натпреварот немаше повеќе голови.

АПОЕЛ и Слован Братислава одиграа без голови, па словачкиот тим ја одбрани предноста од два гола од првиот натпревар.

Резултати од реванш натпреварите од 3. прелиминарно коло во фудбалската Лига на шампиони:

АПОЕЛ (Кипар) – Слован Братислава (Словачка) 0:0
(прв натпревар 0:2)

Бодо/Глимт (Норвешка) – Јагелонија (Полска) 4:1 (Фет 34, 56, Маата 38, Хог 70 / Берг 4-аг)
(прв натпревар 1:0)

Фенербахче (Турција) – Лил (Франција) 1:1 прод. (Дијаките 90+1-аг / Давид 118-11м)
(прв натпревар 1:2)

Твенте (Холандија) – РБ Салцбург (Австрија) 3-3 (Хилгерс 43, Ван Хоренбек 64, Штајн 87 / Кјергард 17, Нене 25, Јео 46)
(прв натпревар 1:2)

ПАОК (Грција) – Малме (Шведска) 3:4 прод. (Тајсон 21, Кулиеракис 44, Живковиќ 45+4 / Нанаси 10, 45, Цетерстром 90+6, Кристијансен 99)
(прв натпревар 2:2)

Ференцварош (Унгарија) – Митјиланд (Данка) 1:1 (Сисе 17 / Соренсен 50)
(прв натпревар 0:2)

Лудогорец (Бугарија) – Карабаг (Азербејџан) 2:7 прод. (Дуах 13, 23-11м / Жунињо 7, Бензија 45+1-11м, 118, Андраде 45+5, 112, Бајрамов 93, Џиџа 111)
(прв натпревар 2:1)

ФЦСБ (Романија) – Спарта Прага (Чешка) 2:3 (Олару 60, Еџума 85 / Бирманчевиќ 13, 28-11м, Хараслин 37)
(прв натпревар 1:1)

Ројал Унион СГ (Белгија) – Славија Прага (Чешка) 0:1 (Јуречка 84)
(прв натпревар 1:3)

Ренџерс (Шкотска) – Динамо Киев (Украина) 0:2 (Пихаљонок 82, Волошин 84)
(прв натпревар 1:1)

- Реклама -