Фудбалерите на Барселона имаа сѐ во свои раце, но не стигнаа до трите бода против Селта во натпреварот од 14. коло на шпанската Ла Лига, кој заврши со поделба на бодовите 2:2.
Во отворен натпревар, со многу шанси на двете страни, Барселона поведе со 2:0. Стрелци беа Рафиња во 15 и Роберт Левандовски во 61 минута. Барселона имаше два гола плус до 84. минута кога брзо го загуби водството.
Првата лоша вест за Барселона беше вториот жолт картон на Касадо во 82. минута, а Селта веднаш ја наплати предноста од играч повеќе. Прво Алфон Гонзалес го намали резултатот во истата 84. минута, додека во 86. минута по одличниот дриблинг Уго Алварез погоди за 2:2. Во самиот финиш и двете екипи можеа да дојдат до преостанатите два бода, но дуелот заврши без победник.
Ова беше прво лигашко реми за Барселона оваа сезона и остана на врвот на Ла Лига со 34 бода. Атлетико Мадрид има 29, а Реал Мадрид 27 со два натпревара помалку. Селта остана на 11. место во Ла Лига.
Фудбалерите на Жирона лесно дојдоа до трите бода пред своите гледачи, совладувајќи го Еспањол со 4:1.
Сѐ беше готово за неполни триесет минути игра, толку им требаше на домашните во каталонската пресметка да постигнат дури четири гола. Жирона поведе во четвртата минута со голот на Гил, а потоа Бојан Миовски, репрезентативецот на Македонија, постигна два гола. Погоди во 16. и 21. минута за 3:0. На 4:0 зголеми Крејчи во 27. Во продолжението од натпреварот гостите успеаја да постигнат само почесен гол, а стрелец беше Пуадо во 55. минута.
Жирона со оваа победа скокна на петтото место, додека Еспањол остана ниско, на претпоследното место на табелата.
Драматичен беше натпреварот во кој Мајорка го совлада Лас Палмас со 3:2 на гостински терен. До 77. минута гостите имаа сигурни 2:0 по головите на Дани Родригез и Роберто Наваро. Лас Палмас брзо израмни, стрелци беа Есуго во 77. минута и Фабио Силва од пенал во 83. минута. Во 88. минута гостите останаа со играч помалку по исклучувањето на Муриќи, но и покрај ова постигнаа гол со кој славеа. Стрелец беше Мохика во 91. минута. Мајорка е шеста на табелата со 21 бод, а Лас Палмас е место над зоната за испаѓње 17-ти со 12 бодови.
Иако губеа до 76. минута, фудбалерите на Атлетико Мадрид го совладаа Алавес со 2:1. Со тоа Атлетико ја продолжи добрата домашна победничка серија, на седум натпревари во Мадрид оствари пет победи и две нерешени средби. Атлетико барем привремено го мина Реал и е втор на табелата. Но Реал има два натпревара помалку.
Алавес поведе веќе во седмата минута кога Јон Гуриди реализираше пенал. Иако Атлетико постојано напаѓаше, гостите го одржуваа водството до 76. минута. Потоа беше досуден нов пенал, овојпат за домашните, а Антоан Гризман погоди за 1:1. Атлетико го доби натпреварот десет минути подоцна кога Де Пол направи убава асистенција, а Норвежанецот Сорлот упати топовски удар во подалечниот агол за победа на Атлетико од 2:1.
Фудбалерите на Валенсија на првиот меч во саботата ја постигнаа само втората победа сезонава, бидејќи како домаќини го победија Бетис со 4:2. Валенсија со оваа победа побегна од самото дно на табелата, додека Бетис остана на седмото место.
Валенсија поведе во осмата минута со голот на Тарега, а потоа на сцена стапи домашниот играч Уго Дуро кој погоди на двата краја на теренот. Најпрво во 14. минута ја погоди сопствената мрежа за 1:1, но во 50. и 53. погоди по десната страна за големите 3-1 Валенсија. До крајот на натпреварот секоја екипа постигна по еден гол за конечни 4:2. Стрелец на Валенсија беше Диего Лопез во 56. минута, а за гостите Луис Авила во 66. минута.
Целиот натпревар на „Местаља“ беше исполнет со емоции поради неодамнешната трагедија која го погоди овој дел од Шпанија поради невидени поплави.
Во недела се играат Осасуна – Виљареал, Севиља – Рајо Ваљекано, Леганес – Реал Мадрид и Атлетик Билбао – Реал Сосиедад.