Културниот центар „Лабораториум“ сместен во самиот центар на Скопје, е она креативно катче кое одамна му беше потребно на градот. Место во кое културата и уметноста добија повеќе од само простор. „Лабораториум“ е место во кое се креираат нови идеи, нови движења, креативни и иновативни проекти. Еден слободен простор за независната култура која толку многу му треба на градот. Простор за младите генерации кои разменуваат идеи, се дружат, творат, експериментираат, креираат и ја менуваат свеста и едноличноста градот. Последниот во низата настани „Скопје вибрира“ на „Лабораториум“ понуди нови интересни содржини во празното и топло скопско секојдневие.
Во „Лабораториум“ разговаравме со Калина Дуковска, дел од младиот тим кој стои зад креативниот дел на Центарот.
-„Скопје Вибрира“ беше инспирирано од фактот дека во јули и во август има многу празни и топли денови во кои нема настани и луѓето едноставно немаат посебен интерес да прават нешто. И сите сакаме да седиме дома. Така и се инспириравме дека треба да направиме серијал од неколку интересни креативни настанчиња или работилници за да може било кој што не сака да седи дома, да дојде во нашата хала што е драматично поладна од надвор и да ужива во некоја проекција на филм или нешто слично- вели Калина Дуковска Дуковска од Лабораториум.
Паралелно со „Скопје Вибрира“ се случува и Lab Design Market со македонски дизјнери и поп ап изложба. Во неделите кои изминаа Лабораториум во соработка на Култура Бета беше домаќин и на поетска вечер и поетско читање. Да не ги заборавиме и настаните од „Силата ЕУ Младите“ и ред други интересни настани.
– Скопје е град на настани и луѓето сакаат да излегуваат, да прават работи и да се дружат. Но мислам дека највозбудени се кога нешто не е повторување на истото или кога е релативно нова работа. Работите кои што ги правиме во склоп на Скопје вибрира се супер, не се нови и нечуени претходно, туку периодот во кој се случуваат и начинот на кој се искомбинирани, мислам дека не е баш често се случува во овој дел од летото во Скопје. Така да, јас би кажала дека Скопјани ги интересира се, само треба да им дадеш доволно примамлива понуда и интересен дизајн на постер- вели Калина.
Дали Скопје има доволно културни центри и места кои ќе понудат нешто поразлично и интересно? Многумина ќе кажат дека недостасуваат места кои ќе понудат поголем простор за алтернативната сцена, место за младите уметници, простор за проекции на филмови и изложби… Токму од таа идеја произлезе „Лабораторим“. Да се креира простор кој ќе му даде на градот нови содржини.
-Мислам дека никогаш не се доволни културни центри или места каде што може културата и уметноста да се претставуваат. Секогаш нешто ќе му фали на Скопје и ќе може да има повеќе. Целата идеја уствари зошто се викаме Лабораториум, е дека треба да бидеме едно експериментално, отворено место каде што сите може да дојдат и сите да се чувствуваат како дома и ние како една среќна колективна заедница да правиме настани едни за други, да се дружиме, да разменуваме идеи, да креираме. Бидејќи првичната идеја беше многу повеќе да се фокусираме на креативни индустрии и така дојде идејата за Lab Design Market и за поддржување на македонски занаетчии и дизајнери кои што изработуваат од еко френдли материјали. Меѓутоа после тоа сфативме дека уствари културниот аспект и пред се независната култура во Скопје секогаш им треба простор и секогаш им треба поддршка, така да малку повеќе се фокусиравме на тоа. „Лабораториум“ ни дозволи да се запознаеме со многу интересни луѓе, да се направиме многу интересни настани и вистински да помогнеме, особено на независна култура – вели Калина.
Неодамна „Лабораториум“ се најде во финалето на New European Bauhaus Project, започнат од Европска Комисија пред 3 години чија цел е да поддржува нови иницијативи и активистички иницијативи од аспекти на култура и на зелена транзиција, секаде во Европа. „Лабораториум“ беше избран да биде дел од 50- те финалисти од 600 пријавени ценри од цела Европа.
– Бевме во Брисел на доделување на наградите. Бевме трети во нашата категорија, што не е лошо. Се запознавме со многу интересни луѓе, добивме многу интересни искуства, инспирации за некои работи кои што дефинитивно ќе ги правиме тука за брзо време. Ама пред се беше голема чест затоа што стварно е многу фин настан, многу фин проект и многу ми беше драго дека некој друг го препозна тоа што го правиме тука, на еден поинаков начин – објаснува Калина.
Таа и нејзиниот тим продолжуваат да работа. На нови идеи, проекти и настани. Од 9 ти август започнуваат со нова програма која ќе биде продолжување на нивната замисла, да креираат место и простор за независната култура во Скопје.