Лани биле издвоени 5 милиони денари за реконструкција на сега изгорената зграда на ДИЖС, Левица бара одговорност

„Иако измина една недела откако во пожар беа уништени канцелариите и архивата на Државниот инспекторат за животна средина поради несоодветна инсталација, сѐ уште нема никаква најава за одговорност на надлежните кои го дозволиле пропустот. Ваквото ноншалантно однесување на институциите воопшто не изненадува, со оглед на тоа што целиот мандат на оваа Влада беше обележан со сомнителни уништувања на документација – започнувајќи од поплавата во поранешното СЈО до пожарот во Министерството за правда, како и пожарот во поранешниот Завод за урбанизам каде беше трајно уништена значајна документација за градот Скопје“, велат од Левица.

Според нив, скандалозното со пожарот на поранешната Комерцијална банка е тоа што се работи за објекти чие одржување е во надлежност на Службата за општи и заеднички работи при Владата.

„Изјавата на директорот Пеце Мирчески дека Службата не е надлежна за тековно одржување на административните простории е еклатантен обид за прикривање на неговото неодговорно работење, со оглед на тоа што минатата година, во месец јануари издвоени се 5 милиони денари за реконструкција на овој објект каде се сместени просториите на МИА, Секретаријатот за европски прашања и Државниот инспекторат за животна средина.

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

За реализација на оваа програма надлежна е токму Службата за општи и заеднички работи чиј директор Мирчески не бил ни запознаен дали канцелариите имаат исправна хидрантна мрежа, поради што беше причинета поголема материјална штета и уништена документација на Инспекторатот“, посочуваат од Левица.

Оттаму велат дека очекуваат надлежните органи во наредниов период ажурно да реагираат и да го испитаат работењето на директорот Мирчески „со истата експедитивност како што реагираат за напишани статуси на фејсбук“.

- Реклама -