Латиноамериканец или Африканец ќе го замени Папата Бенедикт XVI?

По Полјакот Иван Павле II и Германецот Бенедикт XVI, можностите што некогаш беа резервирани само за Италијанците сега се отворени за сите. Можеби за првпат во иторијата на престолот ќе седне некој кој нема да биде од Европа, туку од Латинска Америка или Африка, пишува Reuters.

Двајца високи ватикански службеници неодамна најавија дека можни наследници на Бенедикт XVI, кој денеска абдицираше, би можеле да бидат од Латинска Америка или Африка.

„Знам многу бискупи и кардинали од Латинска Америка кои би можеле да ја преземат одговорноста“, рекол надбискупот Герхард Мулер, кој сега е челник на Конгрегацијата за вера.

Швајцарскиот кардинал Курт Кох, шеф на ватиканскиот одел за единство на христијаните, рекол за дневникот „Tagesanzeiger“ дека црквата нема иднина во Европа.

„Би било добро кога кандидат од Африка или Јужна Америка би бил иден Папа“, рекол Кох.

Запрашан дали би гласал за неевропски кандидат пред европски, доколку бидат еднакво квалификувани, тој одговорил потврдно.

Доколку следниот Папа навистина биде од Латинска Америка водечки кандидати се Одило Шерер, надбискуп во големата бискупија во Сао Паоло или Аргентинецот Леонардо Сандри, кој сега го води ватиканскиот одел за Источните цркви.

Петар Турскон е фаворит од Африка. Од Европа, пак, најмногу шанси има Ангело Скола од Милано.

- Реклама -