Лавров: Преговорите меѓу Киев и Москва „тапкаат во место“

Москва, 22 април 2022 (МИА) – Главниот руски преговарач соопшти дека денеска се одржале „неколку долги разговори“ со шефот на делегацијата на Украина. Владимир Медински не даде детали за овие долги разговори, за кои се смета дека се водат во обид да се преговара за прекин на огнот по неколку недели војна, јави Скај Њуз.

Досега се одржани неколку рунди мировни преговори меѓу Москва и Киев, но двете страни допрва треба да ги договорат условите за прекин на огнот.

Во меѓувреме, се огласи и шефот на руската дипломатија Сергеј лавров, кој рече дека преговорите „тапкаат во место“.

„Тапкаат во место бидејќи сè уште нема одговор на предлогот што го испративме до украинските преговарачи пред пет дена, во кој ги зедовме предвид нивните коментари“, рече Лавров на прес-конференција во Москва во друштво на казахстанскиот колега Мухтар Тлеуберди.

Прочитајте и:  Захарова: Новата американска база во Полска одамна е на листата на приоритетни цели за уништување

Рускиот министер рече и дека се сомнева во подготвеноста на украинските лидери да продолжат со овие преговори.

„За мене е многу чудно да слушам изјави секој ден (…), дури и од (украинскиот) претседател и неговите советници, кои оставаат впечаток дека воопшто не им требаат преговори“, рече Лавров.

Во меѓувреме, борбите продолжуваат на теренот, особено на исток и во големиот пристанишен град Мариупол на југоисток, каде што украинските бранители сè уште го држат под контрола огромниот металуршки комплекс Азовстал.

- Реклама -