Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска ја изрази загриженоста на Русија околу, како што рече, надворешното мешање во внатрешните политички процеси во Србија, особено од страна на земјите од Западот.
На прес-конференцијата по средбата во Москва со српскиот министер за надворешни работи, Марко Ѓуриќ, Лавров нагласи дека Русија ја поддржува српската влада и претседателот Александар Вучиќ во нивните настојувања да ја зачуваат стабилноста на државата и да спречат какви било влијанија кои би можеле да ја нарушат политичката состојба во земјата.
Исто така, тој ја повтори својата решителна позиција против ваквите постапки, барајќи итно запирање на ваквите интервенции.
„Претседателот Вучиќ презентираше конкретни докази за грубото мешање на странски држави во внатрешната политика на Србија. Оваа практика во целост ја отфрламе и инсистираме принципот на немешање во внатрешните работи да биде строго почитуван од сите,а посебно од нашите западни партнери. Тие веќе долго време, преку различни тактики, вклучувајќи невладини организации и финансиски фондови, работат на наметнување на сопствените интереси, игнорирајќи ја волјата и потребите на народите во тие земји,“ изјави Лавров.
Освен тоа, рускиот министер додаде дека разговорот со српскиот колега бил конструктивен и оти е задоволен од дискусиите што ги воделе.




