Лавров: Путин ниту е болен, ниту е мртов со недели

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, денеска ги демантираше шпекулациите дека рускиот претседател Владимир Путин е болен, па дури и мртов, а Москва тоа го крие со помош на двојници, како што сугерираат британските разузнавачи.

Путин секојдневно се појавува во јавноста, постојано е на екраните, можат да се читаат и слушаат неговите говори и „никој со здрав разум“ не би забележал некакви знаци на болест кај рускиот претседател, изјави Лавров за француска телевизија.

„Оставам на совеста на оние кои шират такви гласини и покрај секојдневните можности да видат кој и како изгледа“, додаде Лавров.

Вчера британски Mirror, повикувајќи се на извори од разузнавачката агенција МИ6, објави дека Путин може веќе и да е мртов, но дека Кремљ тоа го крие со цел актуелната гарнитура да ја задржи власта/моќта. Последните јавни настапи „многу веројатно“ биле претходно снимени, а „можно е на Денот на победата тоа да не бил Путин, туку негов двојник“, пишува Mirror повикувајќи се на извор од МИ6.

Прочитајте и:  Макрон го повика Путин да се вразуми, а Кина да го притисне за деескалација... потегот на Бајден го смета за „добра одлука“

„Путин е многу болен и кога ќе умре неговата смрт ќе се чува во тајност со недели, ако не и со месеци. Постои и можност дека тој веќе е мртов. Невозможно е да се знае“, рекол разузнавачот, цитира весникот, додавајќи дека широко се верува дека Путин има рак на крвта и дека зема стероиди или третман за рак, поради што неговото лице изгледа подуено. Според шпекулациите, Путин имал операција пред да ја нападне Украина.

 

- Реклама -