Кире Лазаров: Комплетни ќе бидеме уште посилни

Капитенот на македонската репрезентација, Кире Лазаров, не го криеше задоволството од големата победа над Швајцарија со којашто „Црвено-жолтите“ во голем стил ги стартуваа квалификациите за ЕП 2014.

Потенцирајќи дека до триумфот е дојдено без помошта на Борко Ристовски и Наумче Мојсовски, најдобриот македонски ракометар најави дека во иднина може да се очекуваат уште подобри игри од нашиот национален тим.

„Честитки до соиграчите за ангажираната игра и заслужената победа. Не очекував дека толку лесно ќе дојдеме до триумф, пред мечот имав малку страв од она што го поминавме деновиве, но имавме и респект кон противникот. Максимално сериозно настапивме, ги исполнивме задачите и дојдовме до резултатот што го посакувавме. Победата е важна бидејќи игравме без Борко, Наумче, а во поголемиот дел од второто полувреме и без Миркуловски. Кога ќе се комплетираме, сигурно ќе бидеме многу посилни. Не ми се допаѓа опуштањето на крајот, ако сакаме да победуваме големи репрезентации тоа не смее да ни се случува“ изјави Лазаров.

Прочитајте и:  Полска компанија илегално испорачала стотици илјади парчиња швајцарска муниција во Украина

Селекторот Звонко Шундовски не го криеше задоволството од одличното издание на своите избраници: „Одигравме добар натпревар, извојувавме многу важна победа за нас на почетокот на овие квалификации. Добро се подготвивме, одигравме квалитетно, на крајот дојде до мало опуштање што е нормално со оглед на убедливата предност, но во иднина такво нешто не треба да ни се случува. Овој триумф е важен за да го сочуваме континиуитетот и чекор напред кон она што го посакуваме, односно пласман на ЕП во Данска“.

Швајцарскиот кормилар Горан Перковац беше реален во коментарот по натпреварот, признавајќи дека реално гледано неговата селекција требало да претрпи далеку поубедлив пораз:

„Македонија одигра колку што требаше, ние бевме далеку под потребното ниво. Среќна околност е што загубивме само со шест гола, бидејќи крајниот резултат можеше да биде и многу поубедлив“ изјави швајцарскиот селектор Горан Перковац.

- Реклама -