Лажни се сите дојави за поставени бомби во училиштата во Скопје, Битола, Прилеп, Тетово и струшко, соопшти Министерството за внатрешни работи.
„Министерството за внатрешни работи информира дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училишта во Скопје, Битола, Прилеп, Тетово и струшко по добиените пораки на електронските адреса со закана за поставена експлозивна направа и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, потенцираат од МВР.
Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави, додаваат од министерството.
Утрово дојави за поставени бомби пристигнаа на електронските адреси на седум училишта во Скопје, две во Тетово и едно во Битола. Набрзо беше соопштено дека дојави пристигнале и се евакуирани и три училишта во Прилеп: „Гоце Делчев“, „Блаже Конески“ и „Добре Јованоски“. Ова е прв случај на закани со подметнати бомби во училишта во Прилеп.
Како што информираше Сања Стаматова од СВР-Битола, дојавите во трите училишта стигнале на ист начин, преку официјалната електронска адреса на училиштата. Градските власти, пак, информираа дека директорите на училиштата од претходно имале добиено упатство како да постапуваат во случаи со закани за подметнати бомби.
Во Тетово, градоначалникот Биљал Касами ги повика граѓаните, наставниците и родителите да останат смирени и да не паничат. Образовниот сектор при општината, на предлог на органите на државната безбедност, ја зголемил грижата и надзорот над училиштата и континуирано е во комуникација со раководните лица на училиштата и државните органи за безбедност во државата, информираше тој по дојавата за бомба во двете основни училишта „Лирија“ и „Кирил и Методиј“.