Пратеничката и лидерка на партијата, Моника Зајкова, упати апел до сите пратеници и пратенички групи да ги поддржат во иницијативата и што е можно побрзо да се изгласа предлог-законот, со кој, како што кажа, илјадници денари ќе се вратат назад во џебовите на граѓаните
Прашана колкави се шансите во иднина да се приклучи на владејачкото мнозинство, Зајкова рече дека во моментов партијата е фокусирана да се позиционира со своите предлози и политики за граѓаните, а не околу тоа дали ќе настапува во одредено мнозинство
Предлог-закон за платежни услуги и платни системи со кој би се укинале надоместоците и провизиите што банките им ги наплаќаат на граѓаните за своите услуги денес во Собранието поднесе Либерално-демократската партијата (ЛДП).
За ова, на прес-конференција во законодавниот дом, информира пратеничката и лидерка на ЛДП, Моника Зајкова, која потсети дека ова е вторпат како го поднесуваат предлог-законот, откако решението кое лани го поднесоа заедно со Левица не помина и не дојде на дневен ред за расправа.
Предлог-законот, рече таа, доаѓа во време кога граѓаните сè уште трпат огромни последици од економската криза, а банките од година во година остваруваат огромни профити. Поради ова, како што додаде Зајкова, од огромно значење е да се спречи секакво дополнително финансиско оптоварување на граѓаните.
Образложувајќи го предлог-законското решение, лидерката на ЛДП рече дека наместо со интерна банкарска политика, со него ќе бидат регулирани неоснованите банкарски трошоци и провизии.
„Носењето правилни законски решенија дејствува во функција на зголемување на финансиската моќ на граѓаните и граѓаните не се должни да ги богатат банките на нивна штета. Не смееме повеќе да дозволиме банките да наплаќаат надоместоци за затворање на платежна картичка, ниту пак надоместоци за затворање на дебитни или кредитни картички, кога една сметка ќе биде прогласена за неактивна од страна на банката, банката не смее понатаму да наплаќа никакви надоместоци. Патем со овие предлог-измени се воведуваат други системски решенија како укинување на услугата за онлајн плаќање, провизијата за проверка на состојба на сметка на банкомат, намалување на провизијата за повлекување пари од банкомат на друга банка итн.“,
рече Зајкова на прес-конференцијата.
Таа упати апел до сите пратеници и пратенички групи да ги поддржат во иницијативата и што е можно побрзо да се изгласа предлог-законот со цел што илјадници денари да се вратат назад во џебовите на граѓаните.
„Доколку сите заедно како пратеници и пратенички групи успееме заеднички да го донесеме овој предлог-закон за платежни услуги и платежни системи речиси сите непотребни трошоци кои ги имаат граѓаните за банкарски услуги ќе заминат во минатото и парите повторно ќе се вратат во џебовите на граѓаните“,
рече Зајакова.
На новинарско прашање, дали за предлог-законот разговарал со пратениците од мнозинството и дали има поддршка, пратеничката кажа дека ќе лобира до сите пратенички групи и до сите пратеници индивидуално, законот да ја добие поддршката, бидејќи, како што додаде, тука не се работи за некаква политика, туку за политички консензус за заштита на граѓаните.
Претседателката на Либерално-демократската партија Моника Зајкова изјави дека партијата дејствува независно и оти тоа може да се заклучи од поднесените закони на ЛДП, од стенограмите, излагањата и гласањата во Собранието.
Одговарајќи на новинарски прашања во врска со состојбите во ЛДП, Зајкова ја нарече „квази“ иницијативата на дел од членовите кои пред две недели соопштија дека формираат одбор за промени во раководството на партијата.
„Велам ‘квази’ затоа што беше претходно доставена до медиумите наместо до Централниот одбор, согласно статутот. Централниот одбор заседаваше по однос на иницијативата и таа доби нула гласови поддршка“,
изјави таа.
Околу тоа зошто нема писмено известување за независното дејствување на ЛДП, која на изборите во мај настапи во коалиција предводена од СДСМ, Зајкова одговори дека „не гледа дека нешто би се сменило“ зашто „јасно и видливо“ е дека „ЛДП дејствува независно бранејќи ја својата либерално-демократска политика“.
„Сме го направиле тоа и во изминатиот состав, но не гледам дека нешто би се сменило бидејќи по самото гласање и предлозите кои ги даваме и излагањата, јасно и видливо е како дејствува Моника Зајкова“,
рече претседателката на ЛДП.
Прашана колкави се шансите во иднина да се приклучи на владејачкото мнозинство, Зајкова рече дека во моментов партијата е фокусирана да се позиционира со своите предлози и политики за граѓаните, а не, како што рече, околу тоа дали ќе настапува „во одредено мнозинство или во одредено друго мнозинство“.
Додаде дека и да има понуда до ЛДП за коалицирање, претходно за тоа би се разговарало во рамки на партиските тела и органи и дека за тоа јавноста ќе биде известена.