Лечат ранети џихадисти во босански државни болници, со државни пари

Одат во борба, се враќаат во БиХ, па пак назад на бојното поле.

Ранетите џихадисти вратени од Сирија, најчесто немаат пречки при лечењето во здравствените установи на Босна. Извори блиски до босанските безбедносни структури наведуваат дека до сега околу 40 ранети од сириското боиште престојувале во болниците во Сараево, Фојница, Зеница и Травник, и притоа ретко кој бил испитан од босанските истражители.

Џавед Галијашевиќ, за Blic, оценува дека односот на босанските безбедносни агенции кон ранетите и повратниците од странските фронтови е крајно несериозен и деструктивен, поради што речиси е станато пракса овие лица, по згрижувањето во некој од државните здравствени домови, безгрижно да се враќаат на фронтовите.

Посебно интересно, вели Галијашевиќ, е тоа како тие лица успеваат ранети да поминат толку граници и без проблем да влезат во Босна за да им биде пружена медицинска помош.

„Сé тоа се прави со знаење и манипулација од страна на државата. Кога, да речеме, СИПА или ОБА ја прегледале болничката евиденција за прием на ранети, иако медиумите објавуваа и имаа информации дека во даден момент на лечење се десетина лица вратени од сириското боиште? Никој не презема никаква мерка, што значи дека тоа е нешто во што учествуваат големите болнички центри, односно државата, и тоа со знаење на безбедносните агенции“.

За тоа колку (не)сериозен е пристапот кон овој проблем, говори податокот дека од 320 борци од Босна, за само 17 од нив е распишана црвена потерница. Згора на тоа, на потерниците се манипулира со квалификацијата на кривичното дело.

„Го имаме најновиот пример – Бегзад Спахиќ, кој е уапсен во Турција поради сомневање дека планирал самоубиствен напад. Тој не е квалификуван како терорист, туку како лице кое учествувало во незаконска трговија со наркотици. Таквата правна квалификација на граничните премини не значи ништо. Меѓутоа, кога некого ќе оквалификувате како терорист, тогаш постои поинаква процедура и однос на граничните премини кон тие лица“, заклучува Галијашевиќ.

- Реклама -