Лефков: Прв пат во историјата на Македонија, осуден е пратеник за став искажан, од собраниската говорница

„За првпат во историјата на плурализмот во Македонија, пратеник е осуден за став искажан од собраниската говорница. Пресудата за навреда и клевета за став искажан од Собраниска говорница против колегата Бране Петрушевски е противуставна, противзаконска, правно-уникатна дивоградба и преставува дефиниција за авторитарна, односно тоталитарна држава“, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, самата пресуда значи дека Македонија „наместо демократија гради систем каде што владата, односно партиите на власт, ги контролираат сите лостови на власта, вклучувајќи го судството, па со помош на сите инструменти јавно покажува дека не толерира никакви опозициски или издвоени гледишта и користи страв и заплашување за да ја остварува својата власт над општеството“.

„Независноста на собранието во вршење на законодавната власт е обезбедена преку имунитетот на пратеникот“, подвлече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на прес-конференцијата.

„Согласно со Уставот, пратениците имаат два вида имунитет: материјален или суштински имунитет, и процедурален имунитет.

Материјалниот имунитет значи дека пратеникот не може да биде повикан на кривична или друга одговорност, или да биде притворен за искажано мислење или гласање на седниците на Собранието или на неговите работни тела (ЗАКОН ЗА ПРАТЕНИЦИТЕ Член 16). Материјалниот имунитет ја гарантира слободата на говорот, на седниците на Собранието или на неговите работни тела. Овој вид имунитет не може – да повторам – НЕ МОЖЕ да биде предмет на расправа за одземање!

Процедуралниот имунитет значи неможност пратеникот да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.

Заедно, овие два вида имунитет ја обезбедуваат слободата на пратеникот во вршењето на пратеничката функција“, истакна Лефков, оценувајќи ја пресудата за навреда и клевета за Петрушевски како „сериозен преседан“.

Предупредуваме дека со непочитување на независноста на Собранието кое се темели на слободата на говор во собрание и собраниските работни тела, Македонија повеќе не би можела да се смета за држава која има институции за зачувување на демократското управување. Со оваа пресуда Македонија директно ги крши, односно не ги исполнува Копенхашките критериуми, со што свесно се откажува од исполнување на условите за функционални и независни институции, за функционална демократија и на сметка на теснопартиските интереси на губитниците од СДС, се откажува од сопствената евроинтеграција“, рече Лефков.

Прочитајте и:  Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на Апасиев

Основниот суд-Куманово донесе пресуда со која се утврдува граѓанска одговорност за навреда и клевета на пратеникот Бране Петрушевски поради тоа што, како што е наведено во пресудата, во својот говор го омаловажил колегата пратеник од редовите на СДСМ, Мартин Костовски, и му ја повредил честа.

„Во неколку наврати ме навредуваше и изнесуваше невистини и клевети за мене, како негов колега и мора да признаам дека ме повреди многу. Политиката не е средство меѓусебно да се повредуваме, туку напротив, за мене политиката е можност да го дадеш најдоброто од себе за државата и народот. Тој не е осуден затоа што е пратеник на опозиција и за да се замолчи, туку затоа што зборува невистини, лаги и навреди. И на крај од секој од нас зависи како ќе се однесуваме на говорница, на емисија, на прес-конференција, да се бориме со идеи не со лаги и навреди“, напиша Костовски на Фејсбук во објавата за пресудата.

Петрушевски, пак, објави дека бил осуден за став искажан на собраниска говорница, додавајќи дека ова е првпат во историјата на плурализмот пратеник да е осуден за став.

„Оваа власт повеќе не е диктатура, туку комплетно премина во тиранија. Токму за да се оневозможат ваквите притисоци врз опозицијата, Уставот и Законот предвидуваат имунитет на пратениците за ставови искажани од собраниската говорница. Но, одамна Уставот и Законите на оваа држава за власта на ДУИ и СДС се само обична хартија за еднократна употреба“, порача Петрушевски, додавајќи дека нема да биде заплашен и замолчен:

„Јавно им кажувам, ниту ќе ме уплашат, ниту ќе ме замолчат, ниту ќе ме запрат да им ги кажувам криминалите дирекно в очи. Уште помалку пак ќе ме присилат да им ги гласам уставните измени. Напротив, само уште повеќе ме мотивираат. Нека се подготват наредниот период да преживуваат уште посериозна ‘душевна болка’ “, порача тој.

- Реклама -