Тимот на „Светот“ води против тимот на „Европа“ со 8-4 по вториот ден од тенискиот меч на Лејвер купот во Берлин, а до севкупниот триумф го делат две победи.
Предноста за „Светот“ во пресрет на третиот ден обезбедија Тејлор Фриц и двојката составена од Бен Шелтон и Алехандро Табило. Актуелниот финалист на УС Опен го победи Германецот Александар Зверев со 6-4, 7-5, нанесувајќи му го третиот последователен пораз во нивните директни соочувања, откако претходно беше подобар во осминафиналето на тревата на Вимблдон и во четвртфиналето на грен-слем турнирот во Њујорк.
„Светот“ поведе со 6-4, а во последниот меч од денот Шелтон и Табило загубија само три гема од Каспер Руд и Стефанос Циципас, совладувајќи ги со 6-1, 6-2, давајќи му водство на тимот во црвени дресови со 8-4 против „сините“.
Френсис Тиафо и Карлос Алкараз победија во првите два поединечни меча во вториот ден. Во првиот меч од саботната програма Американецот ја извојува првата победа (3-6, 6-4, 10-5) против Русинот Данил Медведев во нивниот шести меч, додека Шпанецот го совлада Бен Шелтон со 6-4, 6-4.
Секој од натпреварите закажани за последниот ден носи по три бода, па на „Светот“ му требаат две победи за да го задржи трофејот третпат по ред, откако Европа ги освои првите четири изданија на Лејвер купот.
Неделната програма ќе започне во 12:00 часот со двомеч, а потоа ќе се одиграат максимум три поединечни средби, односно онолку колку што ќе бидат потребни за една од екипите да стигне до најмалку 13 бода.
Во моментов сѐ уште не е утврдено кои играчи на кој натпревар ќе учествуваат.