Низ вековите човекот бара лекови за телото, но и за умот и душата. Барал и бара лекови за болестите и за болката. Така било така и ќе биде, но при тоа, велат лекарите, потребно е посебно да се внимава кога се во прашање нови лекови за психичките болести, за болестите на мозокот и манипулацијата со сеќавањата.
Иако тука не се работи за хируршка интервенција, туку за лекови, последиците или подобро кажано резултатите можат да бидат неверојатни и стравотни и за оние кои се лекуваат, но и за оние околу нив, во нивното опкружување. Така е, но и покрај сè, потрагата по нови и нови лекови не запира.
Еве неколку најнови лекови кои во иднина треба да помогнат при лекувањето на разни проблеми поврзани со мозокот и неговите функции, лекови на иднината.
Лек за враќање на избледени сеќавања
Постојат супстанции кои се користат за “перење” на мозокот или подобро памтење, но сè уште е проблем и нема лек и начин како да се вратат сеќавањата кои практично веќе исчезнуваат. Сè уште се бара одговорот на прашањето како да се сетиме на некого или нешто од пред 20 или 30 години! Но, изгледа дека лекот е на повидок! Научниците откриле во мозокот ензим кој влијае на долготрајното памтење, кој е наречен PKMzeta. Зголемувањето на нивото на тој ензим може да резултира со подобро памтење и тоа независно од нивото на тој ензим во моментот кога се одвивало запаметувањето на нештата. Експериментите засега се успешни, но на глувци. Ако се покаже дека истата постапка дејствува и на луѓето, новиот лек ќе го реши проблемот со губење на меморијата предизвикано со староста.
Лек за Алцхајмер од почвата на Велигденскиот Остров
Неверојатно соединение, всушност нуспроизвод на бактерии кои живеат на тлото на Велигденскиот Остров, наречен рапамицин, може да понуди конечно решение за Алцахјмеровата болест. Анализите покажале дека рапамицинот го продолжува животот на локалните животни и значително им го подобрува памтењето и когнитивните способности на животните. Дејствува така што го намалува нивото на токсичното соединение кое предизвикува Алцахјмер и е главна причина за губење на памтењето. По многу успешни експерименти со глувци, рапамицинот е одобрен во иднина да може да се применува и на луѓе.
Лек за осамени
Во текот на подолг период на самотија, одреден ензим во нашиот мозок почнува да предизвикува чувство на “осаменост”. Зголемувањето на нивото на тој ензим го зголемува стресот предизвикан од депресивната состојба и го влошува памтењето. Кога нивото на наведениот ензим ќе почне да се намалува се намалува и нивото на алопрегнанолонот, невростероид кој го ослободува организмот од насобраниот стрес, напнатост, агресија и блага заборавност – состојби кои се предизвикани од изолација. Ваквиот лек значително би помогнал на пример на астронаути кои би тргнале на повеќегодишни мисии во кои долго време ќе поминуваат сами, но и на луѓе кои од разни причини подолго време живеат сами.
Лек за визуелно памтење
Фотографското памтење не може да се научи, но научниците откриле протеин кој неверојатно ја зголемува способноста за визуелно памтење. Со истражување на слабо познатиот предел на визуелниот кортекс (дел од мозокот) кај глувци, откриен е протеин RGS-14 одговорен за добро памтење на објекти кои ги видело животното. Така тие со зголемување на нивото на овој протеин наместо еден час ги памтеле нештата дури до два месеци. Изненадувачки е што RGS-14 дејствува само на визуелното памтење, а не и на други типови на меморија, велат истражувачите! Од таквиот лек голема корист би имале инженерите, архитектите, но и математичарите кои често мораат да паметат комплексни формули. Сè уште не е познато дали таквиот третман кај луѓето би предизвикал несакани последици!
Лек за убедување и контрола врз однесувањето
Денес ако сакате некој да ви “верува” или некое лице се обидувате на нешто да го наговорите, имате неколку опции – алкохол, дрога или закана со насилство. Но, ако сакате некој да ви верува тоа можете да го предизвикате и со неколку капки од новооткриеното хемиско соединение – окситоцин, кое не остава последици како мамурлак. Окситоцинот е хемиско соединение поврзано со чувство на задоволство, со предизвикување на доверба во некого, предизвикување емоции како што се: љубов, обожување, зависност и приврзаност. Лицата кои биле “дрогирани” со овој хормон не можеле да го контролираат своето однесување, во целост им верувале на луѓе за кои при експериментот им било потенцирано дека не се од доверба. Иако научниците истакнуваат дека ваквата терапија може да им помогне на исклучително срамежливи, несигурни или недоверливи лица, многумина изразиле страв дека истиот лек може да се искористи и за злоупотреба.
Лек за храброст
Разни лекови за смирување многу помагаат, но лицето често се чувствува мамурно или по малку “дрогирано”. HBD173, хемиско соединение кое практично го спречува чувството на страв и напнатост, не само што не создава зависност и дејствува моментално туку и не остава последици и лицето може да продолжи нормално да функционира. Но, на што HBD173 точно влијае, на стравот или на обична напнатост? Дали терапијата со тој лек ќе предизвика само опуштено однесување во непријатни ситуации или лицето без никаков страв ќе застане пред камион на сред автопат? Што ако бестрашните војници заклучат дека не се плашат и од оружје и како резултат на тоа гинат непотребно како експериментални глувци?!
Лек за лечење на аутизам
Група германски научници успешно предизвикале, а потоа и излечиле аутизам кај глувци. За двата случаја се користела иста техника, односно се користел одреден инхибитор кој влијае на мозокот и предизвикува привремен аутизам. Овој лек би можел да им помогне на лицата кои страдаат од силен емоционален стрес, но постои загриженост дека достапноста на ваков лек може да се користи и во погрешни цели.
Сонот и спиењето како универзален лек
Четириесет минути спиење попладне го намалува крвниот притисок и добро влијае врз срцето, заклучиле американските научници во истражувањето кое го спроведе Универзитетот Калифорнија. Резултатите покажале дека дневниот сон му помага на помнењето и тоа ако трае и само шест минути. Дваесет минути дневен сон пак го забавуваат работењето на срцето, ја зголемуваат концентрацијата и го подигаат расположението.
Оваа статија е преземена од списанието за наука и техника ЕМИТЕР