Лео конечно си лапна Оскар

leo

Универзумот се врати во колосек, а клетвата е скршена – Леонардо Ди Каприо доби Оскар за најдобра главна машка улога во The Revenant. Колку што беше предвидливо дека ќе го добие долго заслуженото признание, толку беше предвидливо и дека кој и да ја презентира наградата (во случајов Џулијан Мур), ќе одолговлекува што е можно подолго пред да го прочита името, за Леонардо и половината планета од негови поддржувачи да можат уште еднаш добро да се препотат.

Ама ете, се случи, а Лео беше пречекан со стоечки овации додека ја примаше наградата, која дојде по 5 номинации за најдобар актер и една номинација за најдобар филм за Волкот од Волстрит. Поминаа 22 години откако беше прв пат номиниран за награда од Академијата, и тоа за извонредната споредна улога во „Што го јаде Гилберт Грејп“. Во меѓувреме беше ѕвезда во многу филмови, вклучувајќи ги и соработките со старите волци како Скорсезе, Тарантино и се разбира – Инариту. Овој пат, му се заблагодари и на ко-ѕвездата Том Харди за „жестокиот талент на платното“ и „пријателството зад платното“, и се разбира, на сите инволвирани во филмот.

20160229-site-pobednici-na-oskari-2016-m[1]

А кога веќе беше изустен „зборот Л“, јасно беше дека Ди Каприо ќе зборува за глобалното загревање и дека ќе алармира за умирањето на нашата планета, со оглед на тоа дека во суштината на The Revenant, помеѓу другото, се работи и за односот помеѓу човекот и природата.

„Климатските промени се реални – се случуваат токму сега“, рече Ди Каприо. „Тоа е најитната закана за нашиот вид, и мораме да работиме колективно и да престанеме да одолговлекуваме“. Тој побара од ТВ публиката да ги „поддржува лидерите ширум светот, кои не работат во името на големите загадувачи или големите корпорации, туку кои наместо тоа зборуваат од името на целото човештво, за домородните населенија, за милијардите непривилегирани луѓе кои ќе бидат засегнати од целото ова“. „Да не ја земаме нашата планета здраво за готово“, додаде тој, “Не ја земам вечерва здраво за готово“.

Други номинирани, кои веројатно и не се помачија да напишат говор, беа Брајан Кранстон за Trumbo, Мет Дејмон за The Martian, Мајкл Фасбендер за Steve Jobs и Еди Редмејн за The Danish Girl.

_88494811_revenant_awards_reuters[1]

„Повратникот“ (The Revenant) победи во 3 од номинираните 12 категории – Алехандро Инариту доби Оскар за најдобар режисер, а Емануел Лубецки за најдобра филмска фотографија.

Сега откако го средивме Лео, време е потрагата да продолжи по следниот заборавен непрогласен Оскаровец – еве Мајкл Китон, на пример, ако сте и вие Birdman фанови и ако лани ве здоболе кога беше прочитано името на Еди Редмејн.

Сите победници на Оскари 2016 можете да ги видите ТУКА.

- Реклама -