Факултетот за ликовни уметности ја најавува втората сесија од проектот NEW ART FOR(U)M односно летната школа предвидена за периодот од 21 до 30 јуни година под наслов „Oбмислување на современиот звучен пејзаж: експериментални практики во визуелниот контекст“ во населено место Лазарополе (Општина Маврово и Ростуше).
Основната цел на школата е лоцирање и истражување низ алтернативни уметнички практики и дискурзивен интердисциплинарен контекст различен од традиционалните ателјерски уметнички практики и протоколи. Оваа сесија на летната школа се осврнува кон звукот како платформа за креативно конципирање и инетрпретација на интердисциплинарно уметничко дело.
Одржувањето на Летната школа во рурална планинска средина е во согласност на потребите на сесијата, која што за почеток треба да има одново запознавање со тишината. Имено, последица на живеењето и работењето во современата урбана средина доведува до промена на човековите референци за тивко и тишина, поими и феномени кои што треба да ги редефинираме за да, меѓу другото, разбереме и колкаво е „звучното загадување“ за кое што сме помалку или повеќе несвесни.
Со запознавањето на некои воведни поими и содржини од психоакустиката, со цел за подобро разбирање на човековата перцепција на звучната околина, како и на одредени поими од физиката на звукот, учесниците ќе се запознаат со поимот „шум“ и спектрален состав (боја, карактер) на звукот/шумот со цел за посоодветно и попрецизно дефинирање на различните форми на шумови кои што не опкружуваат во секојдневието и значењето на истите во нашето (акустичко) разбирање на околината и нашето функционирање во истата.
Учесниците ќе имаат можност да се запознаат, теориски и практично, со начинот на работа на уредите за снимање на звук, пред се на микрофоните и нивната употреба за соодветно доловување на просторот околу нас, како и со основни техники на обработка, миксање и монтирање на звук/шум во соодветно софтверско решение. Со ова, учесниците ќе бидат подговтвени да почнат да размислуваат за звукот и звучните феномени како на елементи коишто може да ги употребат во/за создавање на звучни слики и амбиентални звучни пејсажи како сомостојни уметнички дела но и комплексни уметнички инсталации во кои звукот игра значајна улога.
Предавачи се: дипл.ел.инг. Дориан Јовановиќ, проф.м-р Роберт Јанкулоски, проф.м-р Гоце Наневски, Доротеј Нешовски, интердисциплинарен уметникУниверзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Europe House.